„Крај Вардарот џез“ вечерва во МКЦ

Вечерва е последната вечер од второто издание на „Крај Вардарот џез“. Овогодишното издание на фестивалот ќе го затворат две есенцијални имиња на „PMG Jazz“, кои со својата свежина и квалитет ја исполнуваат нашата локална, но и регионална сцена.

„Такси Конзилиум“ (Taxi Consilium) е составен од неколку извонредни млади џез-музичари, а предводен од гитаристот и композитор Филип Букршлиев.

„Квалитетот на нивната музика и зрелата изведба се на завидно ниво, токму како во вашите фантазии за легендарните џез-херои. Нивниот албум “The Essential Sunday Gloom” е прогласен за џез-албум на месецот мај 2021 од водечката светска платформа за продажба на музика bandcamp. Тоа ја заокружува приказната за овие наши талентирани музичари со очигледен глобален потенцијал“, велат организаторите

Дино Имери e доста познато име на нашата сцена, но сѐ почесто гостува и на регионалните и европски сцени. Тој веќе компонираше, отсвири и издаде еден албум за „PMG Jazz“, а за почетокот на 2022 се очекува и ново издание. Неверојатно талентиран, култивиран и позитивен музичар и човек, кој вреди да се проследи во сите негови инкарнации.

Настанот ќе започне во 20 часот во сала Фросина, а билетите по цена од 300 денари се достапни на bileti.mkc.mk

Настанот ќе се реализира согласно актуелниот протокол на организирање настани во затворен простор.