Утре започнува 56. издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“

Претставата „Народен непријател“ утре го отвора 56. македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што ќе се одигра во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Фестивал ќе трае до 9 јуни.

„Претставите ги одразуваат сегашните дострели на македонскиот театар, кој и тематски и формално ги испитува можностите за соочување со нашата загрижувачка стварност. Кога многумина помислуваат дека театарот замолкнал и дека не може да излезе накрај со камшикот на времето и со неправдите на локалните и глобалните силници, овие осум претстави сведочат дека театарот, сепак, не престанал да ги истражува и да ги покажува со јазикот на сценската игра двете најсуштински димензии на човекот – слободата и достоинството. Избрани се претстави од голем формат и со силен режисерски печат. Официјалната програма на овој најзначаен домашен театарски фестивал во 2022 година ќе овозможи да се гледа театар што го премостува хијатусот на затворањата и стравот. Тоа е театар што нуди критички и отрезнувачки поглед кон самите нас“, вели селекторот Додовски.

Во официјалната програма на театарскиoт фестивал селектирана од Иван Додовски влегуваат и претставите:

  • „Артуро Уи“ од Бертолт Брехт, во режија на Ќендрим Ријани, во изведба на Народниот театар од Битола,
  • „Бракот на Марија Браун“ од Рајнер Вернер Фасбиндер, во режија на Драгана Таневска, во изведба на Народниот театар од Струмица,
  • „Вишновата градина“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Владимир Милчин, во изведба на Турскиот театар од Скопје,
  • „Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, во изведба на Народниот театар од Прилеп,
  • „Јазли“ од Рефет Абази, во режија на Куштрим Бектеши, во изведба на Албанскиот театар од Скопје,
  • „Клетвата на Скотје“ од Нил Сајмон, во режија на Синиша Евтимов, во изведба на Театар Комедија од Скопје,
  • „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје,
  • „Се викам Горан Стефановски, во режија на Бранислав Миќуновиќ, во изведба на Драмски театар од Скопје.