Претставено истражувањето за состојбата со медиумската саморегулација во земјава

Со цел да се унапреди функционирањето и ефективноста на медиумската саморегулација во земјава, потребно е континуирано зајакнување на капацитетите на саморегулаторните тела особено при решавање на етички проблеми што произлегуваат од дигиталното опкружување, редовно ажурирање на етичките рамки и подобрување на механизмите за нивна долгорочна самоодржливост. Дополнително, треба да се иницираат и спроведуваат повеќе иницијативи за подигнување на јавната свест за функционирањето на саморегулативните механизми.

Ова се главните заклучоци што произлегоа од панел-дискусијата „Важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Во рамки на настанот беа претставени клучните наоди од истражувањето „Медиумската саморегулација во Северна Македонија: Неопходно зајакнување на механизмите и унапредување на ефективноста“, подготвено од истражувачките на МИМ, Марина Тунева и Весна Никодиноска.

Анализата се фокусира на клучните етички документи и ги анализира капацитетите, предизвиците и добрите практики што произлегуваат од работењето на релевантните механизми во оваа област, особено во дигиталното опкружување.

Настанот го отвори г. Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на Европската Унија кој, меѓу другото, истакна дека Европската Комисија ја поттикнува саморегулацијата на медиумите и македонското законодавство ќе треба да се усогласи со европските правила во оваа област.

Воведни обраќање имаа Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Леунора Калиќи, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Важноста на медиумската саморегулација за унапредување на професионалните стандарди, вклучително и во предизборни периоди беше тема на која дискутираа Анета Андонова, одговорна уредничка на Првиот програмски сервис на Македонската Телевизија, Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ, Саше Димовски, претседател на Советот на честа при ЗНМ и Драгица Љубевска, раководителка на сектор во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Дискусијата беше организирана во рамки на регионалниот проект „Нашите медиуми: Иницијатива за унапредување на медиумската писменост, дијалог и активизам“, ко-финансиран од Европската Унија.