Гледачи на „Фокс Њус“ ги смениле своите сфаќања по гледање на „Си-Ен-Ен“, покажува истражување

Гледачите на каналот „Фокс Њуз“ кои биле платени за да гледаат „Си-Ен-Ен“ 30 дена, во текот на истражувањето станале поскептични и веќе не потпаѓале на дезинформации, покажува ново истражување.

„Индипендент“ пренесува дека истражувањето насловено „Ефектите од партиските канали врз верувањата и однесувањата на гледачите – експеримент со гледачи на ‘Фокс Њуз’“ од Дејвид Е. Брокман и Џошува Л. Кала било извршено во септември, 2020 година и објавено минатата недела.

„Се пријавија 763 квалификувани учесници, а 40 отсто влегоа во испитаничката група по случаен избор. За да ја промениме нивната гледачка навика, им понудивме на учесниците 15 долари за час за да гледаат ‘Си-Ен-Ен’ седум часа во неделата, во текот на септември 2020 година. Часовите во кои испитанициите гледаа ‘Си-ен-ен’ обично беа ударни термини, во кои гледачите претходно гледале ‘Фокс Њуз’, се вели во студијата.

Истражувањето забележало промени во однесувањата и ставовите за мерките против Ковид-19, во ставовите за тогашниот претседател Доналд Трамп, како и републиканските кандидати и функционери.

„И покрај тоа што гледачите на ‘Фокс’ имаат партиски ставови, ние откривме дека испитаниците кои ја сменија својата медиумска диета имаа промени во нивните фактички верувања, однесувања и перцепции за разни проблематики, но и промени во нивните генерални политички гледишта“, објаснуваат авторите на истражувањето.

Според студијата, учесниците почнале да се согласуваат дека доколку Доналд Трамп направи некаква грешка, „Фокс Њуз“ нема да објави.

По тридневно следење на „Си-ен-ен“ учесниците во истражувањето пополниле анкета.

„Откривме ефекти од гледањето на ‘Си-ен-ен’ наместо ‘Фокс Њуз’ преку фактичките перцепции на учесниците за моментални случувања и познавања за кандидатите на претседателските избори во 2020 година. Учесниците имаа сменети ставови за Доналд Трамп и Републиканците, како и пандемијата од Ковид-19“, истакнале истражувачите.

Истражувачите заклучиле дека ова е ефект од партиското филтрирање на вестите, кога партиските медиуми селективно известуваат за информации, наведувајќи ги гледачите на пристрасен збир на факти.

„Учесниците заклучија дека ‘Фокс’ сокрила негативни информации за претседателот Трамп. Партиските медиуми не само што ја претставуваат својата страна – тие може да претставуваат предизвик за демократска одговорност“, се вели во студијата.