ШТЕТ-НА: Политички актери и медиуми соучесници во креирање „стварност“ исполнета со штетни наративи

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави првиот извештај во рамки на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), каде е нагласено дека политичките актери во Македонија и медиумите се соучесници во креирање „стварност“ исполнета со штетни наративи.

„Притоа, првите подзабораваат на поставените норми и стандарди за јавна комуникација (транспарентност; етичност; професионалност и непристрасност во комуникацијата; комуникација базирана на докази; негување на културата на говорот и воздржување од дискриминаторски говор), а вторите на етичките кодекси и на основните новинарски правила за информирање на јавноста“, стои како заклучок во извештајот.

Специфично е дека како главен извор на штетни наративи најчесто се јавуваат мал број политички партии, како и дека дел од медиумите со еднострано и некритичко известување помагаат овие токсични наративи да добијат ехо во медиумската средина.

„Мониторингот и анализата на партиската јавна комуникација покажува дека во јавниот дискурс застапен на интернет-страниците и објавите на социјалните медиуми на политичките актери во Македонија преовладува реторика во која се изнесени наводи за корумпираност, нетранспарентност/неотчетност, непрофесионалност, злоупотреба на службената должност без обид за поткрепа на тие тврдења. Непроверени наоди се користат како основа за обвинување на политички противници, за развивање штетни наративи на популизам, поткопување на довербата во институциите, пристрасно селектирање на податоци што доведува до погрешни заклучоци и поттикнување општествено-политички поделби во јавноста“, се вели во извештајот.

Понатаму, немањето професионална бариера и проверка на изјавите кои промовираат обвинување без докази, популизам, нетрпеливост, ширење дезинформации, па дури и омраза кон одредени групи, кај дел од анализираните медиуми, само ги охрабрува политичките актери кои во медиумите гледаат слободна платформа да ги промовираат своите штетни наративи.

„Едностраното информирање на медиумите, односно претставувањето на само една страна во новинарскиот прилог/објава, е сериозен проблем кој упатува на непрофесионално известување и небалансиран и пристрасен однос“, е уште еден од заклучоците на извештајот.

Инаку, истражувањето е лонгитудинално и во текот на 2023 и 2024 година во неколку фази го спроведува тим од ИКС во соработка со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите, како и со медиумски професионалци во делот на мониторингот и на контролата. За целите на истражувањето е спроведен мониторинг на интернет-страниците и фејсбук-страниците на 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 – 2024 година, како и анализа и мониторинг на 11 онлајн -медиуми и 9 телевизиски станици. Првиот извештај се однесува на септември и октомври 2023 година.

Ова истражување се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.