Мапирање добри практики за медиумскиот активизам

„Наместо само канали за комуникација и претставување на општествената реалност, демократските медиуми се предуслов за успешно функционирање на демократијата. Во репресивните режими низ светот независното новинарство работи под притисоци, а во некои од нив буквално беше уништено. Медиумската криза сепак е глобална, при што медиумите во голема мера се заробени од корпоративни и од политички интереси.  Глобалните трендови на поларизација и радикализација среде војните во Украина и регионот Левант само ги влошуваат проблемите, а исто така и технолошките промени и доминацијата на големите технолошки платформи што се закануваат дополнително да го намалат општиот интерес, како и независното и квалитетно изготвување содржини. Поради тоа медиумскиот активизам стана толку важен“.

Ова стои како заклучок на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), кои го претставуваат извештајот „Мобилизација за заштита на јавниот интерес во медиумите“ што го подготви истражувачката Санела Хоџиќ.

Извештајот е поттикнат од идејата дека работењето на медиумите и медиумските реформи ќе го одредат текот на историјата и дека мапирањето на добрите практики, ќе ни помогне да го предвидиме медиумскиот активизам што може да овозможи распространетост на вредностите од јавен интерес во новинарството, медиумите и комуникацијата во овие кризни времиња.

„Медиумскиот активизам може да биде насочен кон промени во медиумските институции, медиумските политики, медиумските содржини и практики, но и кон создавање алтернативни медиуми, односно простори што обезбедуваат содржини од јавен интерес и кои промовираат демократски вредности. Имајќи го тоа на ум, прегледот на добри примери на медиумски активизам што го претставуваме во овој извештај има за цел да инспирира поцелисходни и агилни акции за одбрана на јавниот интерес во медиумите и во комуникацијата“, велат од МИМ.

Поконкретно, посочуваат од таму, има за цел да инспирира создавање добри практики за медиумска и информациска писменост од страна на коалициите и граѓанските организации (ГО), во рамките на проектот „Нашите медиуми“ и пошироко. Медиумскиот активизам и медиумската и информациската писменост се суштински поврзани бидејќи само медиумски писменото граѓанство придонесува за мобилизација што може да придонесе кон значителни медиумски и комуникациски реформи.

„Прегледот вклучува примери на медиумски активизам од регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија) и Турција, како и од земјите на ЈИЕ и остатокот од светот. Мапирањето на добрите практики беше спроведено во периодот од јуни до октомври 2023 година, првенствено врз основа на секундарно истражување, а онаму каде што беше потребно беше спроведено и примарно истражување, односно анализа на содржините на онлајн изворите и на барањата за информации до институциите што се надлежни за прашања поврзани со медиумите. Кон истражувањето придонесоа истражувачите од седум држави од регионот: Илда Лондо (Албанија), Анида Сокол (Босна и Херцеговина), Флорент Спахија (Косово), Милица Богдановиќ (Црна Гора), Весна Никодиноска (Северна Македонија), Милица Јањатовиќ Јовановиќ (Србија) и Синем Ајдинли (Турција)“, посочуваат од МИМ.

Овој извештај почнува со дискусија за дефинициите и за концептуалната рамка на медиумскиот активизам, по што следува кус преглед на историјата на медиумскиот активизам. Потоа се презентирани и накратко анализирани добри примери на медиумски активизам, а во завршниот дел ги дискутираме можностите и предизвиците и се предлага типологија на медиумски активизам.

„Конечно, овој извештај се стреми да претстави добри примери за медиумски активизам, вклучувајќи ги и оние што успешно придонесоа за промени во медиумските политики и практики, но исто така и за преиначување на јавните политики и подигање на јавната свест, искористување поширока поддршка, вклучување нови теми или видови активности, или пак, активности што се успешни само до тој степен што постојат како предизвик за постојните политики и практики. Ние не тврдиме дека сме ги избрале најдобрите, најделотворните примери на медиумски активизам, туку се стремиме кон различност во однос на тематскиот фокус, видовите акции, групите на кои им припаѓаат учесниците, географскиот локус и политичкиот контекст“, потенцираат од МИМ.