Претставата „Разведи ме“ во режија на Роберт Ристов во КИЦ-Скопје

На 25 октомври од 20 часот во Салон 19:19 во КИЦ – Скопје ќе биде прикажана претставата „Разведи ме“ на Роберт Ристов.

Во претставата играат Мирјана Поповска Ристов и Роберт Ристов, а делото беше добитник на наградата Гранд При на „Фестивалот на дуо драмата” во Топола – Србија.

„Дали неверството мора да се запечати со РАЗВОД? Дали простувањето на неверството е вистинскиот чекор, со кој ќе го спасиме бракот и љубовта во која сме вложувале со години? Дали после неверството сме засекогааш емотивно оштетени луѓе, кои никогаш повеќе нема да умеат искрено да сакаат и да веруваат. Дали вреди да се продолжи бракот, заради децата? Дали љубовта кон себеси го намалува интензитетот на сакањето на партнерот? Каде е границата? Како можеме да го процениме квалитетот на врската/бракот? Дали љубовта е „прекинувачот“ за нашата среќа?

Овие скокотливи теми ќе бидат експлицитно отворени и дефинитивно ќе ве стават во ситуација да ги преиспитате воспоставените општествено- морални вредности. Ќе ве натераат да ги согледате нијансите во сопствената врска, мотивирајќи ве да ја засилите нијансата на црвената – љубовта“, стои во најавата за претставата.

Драматизацијата е на Роберт Ристов а ја работеше по мотиви од урбаните сценарија:„Развод“, „Заедништво“, „Храна и љубов“ и „Брачна приказна“. Значителен дел од дијалозите во текстот, се негови авторски парчиња.

Во претставата „Разведи ме“ во улогите на брачните партнери на сцена ќе играат Мирјана Поповска Ристов и Роберт Ристов, а во снимените видеа играат актерите Зорица П. Панчиќ (како Марта), Љубиша Савановиќ/гостин од БиХ (љубовникот) и Благоја Чоревски-Чоре (таткото).

Зад режијата, сценографијата и изборот на костими е потпишан Роберт Ристов. Кореографијата е на Марија Бејкова.

Фотограф: Фросе Левковска.

Премиерната изведба на претставта беше на 5-ти јуни 2021год., по која следува повеќе од 20-тина изведби низ Македонија.

Претставата гостуваше и низ регионот и тоа во: Хрватско Народно Казалиште- Вараждин, (како дел од официалната програма на фестивалот „Тједан Смијеха на „Театар Керекеш“), „Театар САРТР“- Сараево, „Градско позориште Јазовац“- Бања Лука, „Културни центар“ – Шид и „Театар 78“ -Белград.

Online-билети може да се купат на: http://teatarprovokacija.mk/ и https://zlatenzab.mk/
Билет на каса: 1 час пред изведба. Резервации на: 078399456