Повик за учество на феминистичката работилница „ФЕМ 101“

Феминистичката платформа „Медуза“ отвори повик учество во феминистичката школа „ФЕМ 101“ што годинава ќе се одржи по трет пат.

Школата, информираат организаторите, има за цел да ги подготви учесничките и учесниците за успешно читање на феминистички наративи, аргументирано пишување и застапување преку креативен израз.

„Школата ‘ФЕМ 101’ освен што ќе ве запознае со клучни концепти од областа на феминизмот и родовите студии и ќе ви помогне во себе-изразувањето, истовремено служи и како креативна и пријателска платформа за здружување, споделување и дружење. Веруваме дека негувањето на ваков вид на релации се од исклучителна важност денес, со константниот пораст на реторика и политики кои ги загрозуваат нашите права и слободи, за кои мора здружено, аргументирано и подготвено да се бориме. Познавањето на феминистичката историја, стратегии на отпор и методи на креативен феминистички израз можат да нè зајакнат во борбата против родовата нееднаквост, да ни помогнат во критичкото преиспитување на односите на моќ, родовите релации и нашите сопствени позиции“, се вели во описот за работилницата.

Школата ќе се одвива во рамки на 5 предавања и 5 работилници во период од два месеца, почнувајќи од 24 април 2023 година. Предавањата и работилниците ќе бидат во времетраење од максимум три часа, и се планирани да се одржуваат по работно време и за време на викенд во социо-културниот центар „Комитет“.

„Обуките ќе ги водат теоретичарки, професорки, феминистки со обемно искуство и знаење во полињата во фокус на школата, а за времетраењето на школата, учесничките/ците ќе имаат можност за практична работа, како и вклучување во тимот на Медуза преку креација и објавување на содржини и по завршување на школата“, информираат од платформата.

За учество е потребно, се  наведува во соопштението за работилницата, е потребно да ве интересира феминизам и родова еднаквост, да имате мотивација да пишувате текстови во дадената област, иако претходно искуство не е неопходно и да бидете во можност да ги посетувате сите 10 обуки.

Рокот за пријавување трае до 12 април 2023 година. Заинтересираните треба да мејлот info@meduza.mk да ја испратат нивната куса биографија и краток опис за тоа зошто сакаат да земат учество во работилницата со назнака „Апликација за Фем 101“.

Школата е во организација на „Медуза“, а дел од содржините се во соработка со „Тииит!Инк“.