„Портрети“ – прва самостојна изложба на Марта Патлиџанковска

Во среда (28 јуни) во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности ќе се отвори првата самостојна изложба на Марта Патлиџанковска, насловена „Портрети“.

На изложбата која ќе започне во 20 часот, како што се посочува во најавата, Патлиџанковска се претставува со ликовни решенија, платна со големи димензии, работени во комбинирани техники, во кои доминира експресијата на бојата.

„Со динамични и експресивно груби потези на четката, пастуозно ,,шкрабање“ на површината со боја директно од туба и употребата на спреј, Патлиџанковска ја зголемува острината на потегот, така што целокупната содржина трепери и делува вибрантно. Воодушевена од колористичките експерименти, без однапред утврден концепт и дефинирана идеја, создава смели ликовни решенија кои припаѓаат на реалистичката ликовна сфера, со асоцијативен и симболички призвук. Така, лексиката на нејзиното сликарство ќе ја бараме во симбиозата на фантазијата и јавето, во сверата на свесното и потсвесното“, се додава во најавата за настанот.

Патлиџанковска е родена во 1999 година во Скопје. Во 2022 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на катедра сликарство, во класата на Жанета Вангели.

Изложбата ќе биде отворена до 7 јули.