Поради грешка во Фејсбук покана, тинејџерка очекува 1,2 милиони гости на својот роденден

Руби Ибара Гарсија, тинејџерка од Мексико, за својот 15 роденден организирала „кинсеањера“ – роденденска забава која според мексиканската традиција, се прославува побогато. Нејзините родители на Фејсбук објавиле кратко видео и покана со цел да ги поканат пријателите и семејството, на „скромната“ забава.

Но, родителите на Руби ненамерно ја направиле објавата на Фејсбук „public“, односно видлива за сите, па 1,2 милиони луѓе од сите страни на светот одговориле дека ќе присуствуваат на роденденот. Забавата послужила и како инспирација за смешни „мемиња“.

На сликата подолу, пишува: „Автобусите се подготвени да тргнат за 15-тиот роденден на Руби“.

Сепак, семејството нема проблем со тоа што можеби ќе бидат домаќини на илјадници гости. Во интервју за мексиканска телевизија, таткото на Руби изјавил: „Секој е поканет, секој кој сака да дојде“. Мајка ѝ додава: „Ако сакате да дојдете да пеете, да нè почестите со вашето присуство и вашиот глас, поканети сте“.

За сите кои навистина ќе присуствуваат, семејството има изнајмено три бендови, трка со коњи со парична награда, а и неколку ВИП билети за настанот. Не кажуваат што е вклучено со ВИП влезниците.