Поголем буџет и нов Закон за филм, велат од Министерството за култура по средбата со филмските работници

Буџет од 5 милиони евра за филмска дејност во 2024 година и надоместок на скратените средства на Агенцијата за филм. Министерството за култура за буџетот за ТВ серии ќе изготви предлог измена во Законот, а се поддржува и донесување на нов Закон за филм според европски стандарди.

Ова се заклучоците кои произлегоа од средбата на Министерката за култура и филмските работници која се одржа во Кинотеката на Северна Македонија.

„Министерството за култура ќе изготви предлог измена во Законот со кој ќе биде доставен до Собранието, а потоа, Агенцијата за филм и самите филмски работници да вложат напори тој предлог да биде усвоен, и да се најде решението – како и нашата држава да произведува ТВ серии кои имаат важна улога во одржувањето на македонскиот јазик, култура, традиција“, изјави министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Минситерката посочи дека Владата има усвоено предлог за донесување Стратегија за развој на филмската дејност, врз основа на која ќе се утврди потребата од нов закон за филмската односно аудиовизуелната дејност.

„Во 2019 и во 2020 по основ на изработка на нова Национална стратегија за развој на филмската дејност беа исплатени повеќе од 20.000 евра. Но, и до ден денес Стратегија не се изработи. Од вас зависи натамошното унапредување во дејноста, затоа е потребно да направите работни групи за изготвување на Стратегијата и на новиот закон, за што службите во Министерството ви стојат на располагање, а потоа да пристапиме кон нивно усвојување“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката изрази поддршка и за договорот кој е потпишан со Еуримаж, за пилот програмата за ТВ серии, за кој како што кажа, самата се заложила да се најдат потребните средства за влезниот билет, наспроти немањето слух кај Агенцијата за филм.

„Со овој договор, од следната година на македонските продуценти на серии во наредните три години на располагање ќе им бидат средства од 15 милиони евра, појасни националната претставничка на европскиот фонд, Тања Пепељуговска“, информираше Министерството за култура.

Филмски режисери и продуценти во септември изразија загриженост дека Министерството за култура ќе го скрати буџетот на Агенцијата за филм. Од ресорното министерството тогаш негираа дека ќе има кратење на средства, а министерката излезе со став дека филмските работници биле изманипулирани.

Таа посочи на двете сметки што ги има Агенцијата за филм, буџетската која може да ја менаџираат Министерството за култура и Министерството за финансии и посебната сметка на Агенцијата до која има увид директорот на Агенцијата и кажа дека на таа сметка има премала реализација на средствата.

„На таа посебна сметка тие немаат доволна реализација и од таа сметка одредени средства во овој момент не можат да ги видат бидејќи дури трае расправата за прераспределба во Собрание, тие стојат како сметка на страна“, објасни Костадиновска-Стојчевска.

Костадиновска-Стојчевска: Не е допрен буџетот на Агенција за филм, сите проекти ќе бидат исплатени