Режисери и продуценти ќе излезат на протест ако Министерството за култура го скрати буџетот за филмска дејност

Македонски филмски режисери и продуценти преку отворено писмо го повика Министерството за култура да го повлече предлогот за кратење на средствата од буџетот за филмска дејност. Според педесетината потписници на писмото, Министерството доставило предлог до Владата за кратење на предвидениот буџет без претходна најава и консултација со Агенцијата за филм.

„Од Министерството за култура бараме повлекување на предлогот за кратење на средства за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување на користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата. Во спротивно, ќе немаме друг избор освен нашиот револт да го изразиме со протести и со повлекување на нашите филмови и ТВ серии од кината, платформите и телевизиите во Република Северна Македонија“, децидни се филмските работници.

Режисерите и продуцентите апелираат дека на овој начин се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници, актери и сите останати учесници во процесите на реализација на филмските проекти.

„Дополнително, според нашите информации, Министерството нема да дозволи ниту користење на средствата од сопствената сметка на Агенцијата за филм на која се акумулираат средства од различни извори. Доколку овие информации се точни и истите бидат изгласани во Собранието на РСМ, ќе дојде до целосно блокирање на филмската дејност, бидејќи наведените средства се планирани за проекти од национален интерес кои се во тек на реализација“, се вели во писмото.

Филмските работници посочуваат дека континуираната пракса на кратењата на буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм во последните години доведува до системско уништување на дејноста, наспроти зголемувањето на содржините и буџетите во цела Европа и тоа во годините, како што велат, кога македонскиот филм ги постигнува најголемите успеси на интернационално ниво.

„Блокирањето на овие филмови доведува до голема штета врз македонската кинематографија и на интернационално ниво, бидејќи во проектите учествуваат меѓународни продукции кои се финансирани од национални европски фондови и Еуримаж – најголемиот фонд за европски копродукции формиран во рамките на Советот на Европа“, се додава во писмото.

Меѓу потписниците се и режисерите Тамара Котевска, Теона Митевска, Ѓорче Ставрески, Вардан Тозија, Даријан Пејовски, Игор Иванов, Николче Поповски, Марија Апчевска, Дина Дума, Ромир Јакупи и продуцентите Лабина Митевска, Марија Димитрова, Дејан Илиев, Елена Станишева, Владимир Стојчевски и други.