Објавени резултатите од конкурсите за проекти во културата за 2023 година

На интернет страницата на Министерството за култура денеска се објавени резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2023 година.

Од Министерството за култура велат дека оваа година, буџетот изнесува 12,5 милиони евра, а според исходот културата ќе биде во духот на разноликоста, традицијата и националниот идентитет.

Аплицирањето за Годишните конкурси за финансирање проекти, како што рече министерката за култура, за првпат се спроведе на националниот портал за е-услуги и за првпат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците.

„Во електронскиот систем се евидентирани 3355 релевантни пријави. Поради нецелосна документација, во согласност со општите услови од конкурсите, административно се отфрлени 332 пријави“, информираше Костадиновска-Стојчевска.

Министерката дополнително извести дека при изборот се зело предвид поддршка да добијат проекти во пресрет на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Година на Ацо Шопов, 120 години од Илинденското востание, 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков и 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик кој го носи неговото име. Сто и петнаесет години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Коста Рацин. Сто и дваесет години од раѓањето и 50 години од смртта на Никола Мартиноски.

Исто така, поддршка добија и јубилеите: 115 години од раѓањето на Коста Рацин, 120 години од раѓањето на уметникот Никола Мартиноски, како и 75 години на сцената на КУД „Емин Дураку“ и на КУД „Јени Јол“.