Министерство за култура негира дека ќе се крати буџетот на Агенцијата за филм

Откако вчера филмски работници преку отворено писмо најавија протести доколку се скратат средствата од буџетот за филмска дејност, Министерството за култура негира дека се предвидува такво кратење на средства.

Од Министерството велат дека не пристапиле на никакво кратење на буџетот во културата, а уште помалку на буџетот на Агенцијата за филм.

„Во моментов во собраниска процедура е донесување на  одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите. По нејзино усвојување,  Министерството за култура до крајот на буџетската година ќе ги преземе сите активности за исплата на обврските согласно склучените договори, меѓу кои и кон Агенцијата за филм. Развојот на македонската филмска дејност во време кога македонските филмови и особено младите режисери остваруваат големи меѓународни успеси е еден од приоритетите на Министерството за култура“, соопштија од Министерството за култура.

Оттаму апелираа до филмските работници да не потпаѓаат на шпекулации, непроверени информации, манипулации и гласини.

„Агенцијата за филм има потпишано договори за реализација на филмските проекти, а со тоа има преземено обврски кон бројни авторски тимови. Министерството за култура до крајот на годинава ќе ги сервисира сите потребни финансиски средства кон Агенцијата за филм, за истата да може непречено да ги извршува исплатите согласно своите договори“, додаваат од Министерството.

Вчера педесетина македонски филмски режисери и продуценти обвинија дека Министерството побарало да се скратат средства за филмска дејност за 2023 година. Тие побараа повлекување на ваквиот предлог.

„Во спротивно, ќе немаме друг избор освен нашиот револт да го изразиме со протести и со повлекување на нашите филмови и ТВ серии од кината, платформите и телевизиите во Република Северна Македонија“, стоеше во нивното отворено писмо.

Режисерите и продуцентите апелираат дека на овој начин се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници, актери и сите останати учесници во процесите на реализација на филмските проекти. Меѓу потписниците се и режисерите: Тамара Котевска, Теона Митевска, Ѓорче Ставрески, Вардан Тозија, Даријан Пејовски, Игор Иванов, Николче Поповски, Марија Апчевска, Дина Дума, Ромир Јакупи и продуцентите Лабина Митевска, Марија Димитрова, Дејан Илиев, Елена Станишева, Владимир Стојчевски и други.

Режисери и продуценти ќе излезат на протест ако Министерството за култура го скрати буџетот за филмска дејност