Збирката ФОНД 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“ прогласена за културно наследство од особено значење

Министерството за култура соопшти дека Збирката на движно културно наследство ФОНД 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“,  која се наоѓа во Државниот архив на Република Северна Македонија – Одделение Битола, е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

„Владата донесе одлука со која на оваа вредна Збирка ѝ е овозможено трајно зачувување во изворна состојба; се обезбедуваат поволни услови за опстанок на исклучителната документација и задржување на сите податоци што  ги носи со себе како сведоштво. Високиот степен на заштита овозможува ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Збирката и за нејзината улога во културната идентификација, а се спречуваат и секаков вид дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање“, велат од Министерството.

Збирката ФОНД 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“ содржи документација, фотодокументација и предмети од професионалниот живот на браќата Милтон и Јанаки Манаки или вкупно: 1.253 архивски единици документација со 3.867 листови; 7.041 фотографии позитиви (хартиени копии); 6.702 стаклени негативи (4.951 заведени со описи, 1.751 заведени без описи); 1.071 рол филмови; 2.087 план филмови; 49 единици фото и кино опрема; 1.364 страници Научно-информативно средство.

„Збирката заради својствата како автентичност, реткост, репрезентативност, разновидност, интегралност, зачуваност, старост, втемеленост и припадност, како и заради критериумите уникатност, исклучителност, впечатливост, влијателност, поврзаност и висок степен на автентична зачуваност е сведоштво за едно време кое е од поширок интерес за проучување на мултикултурната балканска демографска структура  општествено економските и културно историските прилики од регионална и европска важност“, стои во образложението на одлуката.

Од Министерството за култура додаваат дека со прогласувањето на Збирката на браќата Манаки за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, овие над илјада и двесте артефакти добиваат режим на заштита од прв степен, што значи дека доброто ќе добие трајна заштита и систематизација што ќе овозможат едукативна програма за општествено-социолошки, културни и историски теми, нејзина дигитализација и можност за истражувачки, публикациски и други репрезентативни потреби кои вклучуваат јавно користење и достапност на доброто. Одделението во Битола на Државниот архив, ќе овозможи поголема вклученост на јавноста и меѓународна афирмација на богатото културно наследство содржано во оваа збирка.