Министерството за култура тврди дека нема да се крати буџетот за филм

Откако денес Агенцијата за филм и 70 филмски режисери и продуценти реагираа дека ќе има кратење на буџетот за филмска дејност како и дека средствата за филмските проекти не може да ги чекаат до крајот на годината, Министерството за култура информира дека нема да има кратење на буџетот за филм.

„Со оглед на новото соопштение на Агенцијата за филм, информираме дека, сите обврски кои Агенцијата ги има преземено кон своите корисници, ќе бидат навремено сервисирани, согласно динамиката и месечните планови“, се вели во денешното соопштение од Министерството.

Министерството и претходно негираше дека ќе се кратат средства од буџетот за филм.

„Во моментов во собраниска процедура е донесување на  одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите. По нејзино усвојување,  Министерството за култура до крајот на буџетската година ќе ги преземе сите активности за исплата на обврските согласно склучените договори, меѓу кои и кон Агенцијата за филм. Развојот на македонската филмска дејност во време кога македонските филмови и особено младите режисери остваруваат големи меѓународни успеси е еден од приоритетите на Министерството за култура“, соопштија оттаму.

Од Агенцијата за филм денес побараа средба со Министерството на која ќе се разгледаат и ревидираат одлуките за прераспределба на средствата. Притоа оттаму напоменаа дека активните филмски проекти и другите кои се договорени не може да ги чекаат средствата до крајот на декември туку се потребни веднаш. Ваков став зазедоа и седумдесетмината режисери и продуценти кои го поддржаа барањето за средба меѓу Агенцијата и Министерството.

70 филмски режисери и продуценти: Средствата ни се потребни веднаш и сега, а не во декември