Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава ќе тргне на 25 јуни

„Магаренцето на ‘МакеДокс’ годинава ќе си киниса кроце по главната артерија која го обединува истокот. Ќе мине низ бои и мириси на Брегалничкиот слив кои ги опиваат сите сетила, низ старите буки кои уживаат во бесконечната симфонија на шумот од водопадите синхронизиран со птиците“. Вака гласи најавата за овогодишното дванаесетто издание на патувачкото кино на „МакеДокс“.

Настанот годинава ќе започне на 25 јуни и ќе заврши на 4 јули, а проекциите на филмовите ќе започнуваат во 21 часот.

„Магаренцето ќе го започне своето патешествие во грлото на изгаснатиот вулкан забележан и во Хомеровата „Илијада“, полецка по средновековните мостови меѓу кулите ќе го распне платното за првата проекција под ѕвездите. Ќе помине и до најстарата неолитска населба кај Славе Македонски, но и до населеното место во „каменестото корито“ кое е прогласено за град од скоро, во новиов милениеум. Магаренцето ќе раскажува приказни, но и ќе збира, стари и нови, како онаа за печалбарот Кочо кој го шверцувал белото злато во утробата на гуски. Бујрум на размена на приказни под ѕвездите во Осоговието, трпеза од шумски боровинки и капини, дружби со мирис од мајчина душица и кантарион каде можеби ќе ни се вкрстат патиштата и со некоја срна или муфлон“, стои во најавата за настанот.

Организаторите посочуваат дека на настанот е задолжително носење на маска за посетителите, како и задолжителна дезинфекција на раце, на влезот, и додаваат дека истовремено ќе се мери температура на посетителите.

Инаку, патувачкото кино е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Кочнаи, Општина Виница и Центарот за развој на источен плански регион.