Агенцијата за филм предлага средба со Министерството за култура за филмовите да не ги чекаат средствата до крајот на годината

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија соопштува дека во моментов се најавени два филма за снимање во Македонија за што се веќе пристигнати интернационални екипи на земјите учесници во проектите. Оттука, велат од Агенција за филм, финансиските средства планирани за овие и други проекти се потребни веднаш и не може да чекаат на прераспределба меѓу буџетските корисници и активностите на Министерството за култура за исплата на проектите до крајот на годината.

„Доколку овие планирани средства не се стават во функција на проектите како што е планирано и не се исплатат веднаш, се нанесува директна штета на самите проекти бидејќи ќе се случи зголемување на буџетите изразено во илјадници евра и ќе се наштети на реномето на македонската кинематографија“, апелираат од Агенцијата.

Реакцијата доаѓа откако вчера македонски режисери и продуценти преку отворено писмо го повика Министерството за култура да го повлече предлогот за кратење на средствата од буџетот за филмска дејност, по што Министерството ги демантираше овие наводи и изјави дека до крајот на годината ќе ги исплати сите договори и оној со Агенцијата за филм.

„Во моментов во собраниска процедура е донесување на одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници и фондовите. По нејзино усвојување, Министерството за култура до крајот на буџетската година ќе ги преземе сите активности за исплата на обврските согласно склучените договори, меѓу кои и кон Агенцијата за филм“, кажаа од Министерството.

Агенцијата за филм, за како што вели да се спречи ова, предлага заедно со Министерството за култура да се разгледаат и ревидираат одлуките за прераспределба на средствата.

„Агенцијата за филм на Северна Македонија со ова соопштение и со сите дејствија кои ги презема и предлага заедно со Министерството за култура да се изнајде трајно решение за да се спречи трендот на кратење на буџетот за филмска дејност поради кој тренд во последните четири години буџетот за филмската дејност по основ на ребаланс и е намален за 116.000.000,00 (сто шеснаесет милиони) денари и со тоа да изнајдеме системско решение за стандардизиран буџет за Македонската кинематографија“, велат оттаму.

Министерство за култура негира дека ќе се крати буџетот на Агенцијата за филм