„The crossing“ е најдобар европски филм за млада публика за кој гласаше и македонското младо жири

Филмот „The crossing“ на режисерката Јохане Хелгеланд (Норвешка) е избран за најдобар филм за млада публика на настанот EFA Young Audience Award 2021, во кој учествуваа и млади од Северна Македонија.

Изминатата недела, во рамките на целокупниот настан организиран од страна на Европската Филмска Академија, EFA Productions & MDM, државата учествуваше по седми пат со младо жири од 60-тина основци на возраст од 12 до 14 години. Учествуваа уште 37 земји со вкупно 3600 членови на младото жири.

„Агенцијата за филм е национален партнер на European Film Academy Young Audience Award веќе седум години. На овој начин имаме можност да учествуваме и да го дадеме својот глас за најдобрите европски филмови за млада публика, а со тоа придонесуваме кон филмската едукација кај младите, кои имаат можност да се запознаат од прва рака со квалитетна, европска, кинематографија“, изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

Основците имаа за задача да ги гледаат трите номинирани филмови во оваа категорија онлајн, да гласаат за својот фаворит, а во рамките на работната програма имаа можност и директно да се запознаат со режисерите и актерите, но и да разговараат и споделат искуства и импресии со своите врсници, членови на жири комисијата ширум Европа.