Поделени мислења во Баварија пред обврската за ставање крстови пред секоја јавна институција

Германската покраина Баварија се подготвува за стапување во сила на новиот закон според кој христијански крстови ќе бидат поставени на влезовите на сите јавни институции.

И покрај противењето на дел истакнати членови на католичката црква и познати теолози, законот ќе стапи на сила во јужната сојузна покраина во петок, пишува Гардијан.

„Креуцпфулихт“ или „обврската за крстови“ е донесена под покровителство на покраинскиот премиер Маркус Содер од Демохристијанската Унија (ЦСУ), за подигање на баварскиот идентитет по напливот на имигранти од доминантно муслиманските земји.

Баварија беше една од најпогодените покраини за време на бегалската криза во 2015 година, кога голема пропорција од скоро еден милион луѓе кои побараа прибежиште во Германија стигнаа во регионот, по што порасна популарноста на анти-имиграциската политичка партија Алтернатива за Германија (АФД).

„Сакаме да испратиме јасен сигнал дека луѓето имаат желба да го истакнат нивниот идентитет“, вели Содер, кој веќе има поставено крст на ѕидот од неговата канцеларија.

Потегот предизвикал голем револт во одредени кругови, со обвинувања дека тој предизвикува поделби од водечки луѓе во католичката црква, како неколку кардинали и бискупи.

„Распетието е изворен религиозен симбол и не треба да биде сведен на фолклорен објект и локален обичај“, изјавил бискупот на Вирзбург, Франц Јунг.

Протестантскиот теолог, Јохана Харебер, потегот го нарекла грешка.

„Имаме доволно распетија во Баварија. Содер го инструментализира и го злоупотребува крстот како религиозен симбол“, рекла таа.

Содер повеќе пати изјавил дека крстот не треба да се гледа како религиозен, туку како културен симбол, централен за баварскиот идентитет.

Населението во Баварија е едно од најбројните во Европа според оние кои се изјаснуваат како католици, со вкупно 50% според последниот попис. 19% од жителите се протестанти и 4% муслимани. Но овие бројки се значително намалени од 70-тите години на минатиот век, кога околу 70% од населението се декларирало како католици.

Според последните анкети, 56% од Баварците го поддржуваат законската обврска за крстови, додека 38% се против.