Почна снимањето на филмот „Хомо“ на Игор Иванов – Изи  

Шест индивидуални приказни за шест карактери од Скопје чии животни судбини се менуваат, ќе бидат вклучени во „Хомо“, третиот долгометражен филм режисерот Игор Иванов – Изи, чија прва клапа падна деновиве во Скопје.

„Хомо“ е по сценарио на Иванов и Сашо Кокаланов, а продукцијата е на „Скопје филм студио“ и продуцентот Томи Салковски. Снимањето ќе трае пет недели на повеќе од 20 локации низ Скопје.

Според продукцијата, филмот е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на 6 главни ликови. Кинематограферка е Маја Радошевиќ од Србија.

„Ова е скопски филм, за нашата генерација и времето во кое живееме“, рече продуцентот Салковски, потенцирајќи дека се работи за копродукција меѓу пет земји, а особен предизвик е неговата реализација во која е вклучена голема меѓународна екипа, околу 70 актери и преку 450 статисти.

За потребите за филмот, сообраќајот на улицата „Даме Груев“ во Скопје во недела ќе се одвива со изменет режим.

„Скопје филм студио“ информира дека сообраќајот ќе биде стопиран од 6 до 18 часот, а возилата ќе се  пренасочуваат кон околните улици, со повремени пропуштања.