Почна пријавувањето за „Титов Врв Скајрејс“

„Титов Врв Скајрејс“ претставува екстремна високопланинска трка во организација на Планинарскиот клуб „Македон“, која ќе се одржува на 4 јуни година во соработка со Федерацијата за планинарство. Натпреварот е воедно државно првенство на Македонија во скајранинг.

„Вкупна должина на патеката е 22 километри и висинска денивелација од 1.900 метри (искачување и спуштање). Според своите карактеристики, се дефинира како ‘скајранинг’ натпреварување, а теренот по кој минува е суров и на места каменест. Стартот и финишот на трката се на Попова Шапка на 1.750 мнв, а се искачуваат неколку врвови над 2.500 мнв. меѓу кои и највисокиот на Шар Планина, Титов Врв, со 2.747 мнв“, велат од „Македон“.

Од таму посочуваат дека овој настан се одржува во континуитет од 2019-та година, со веќе реализирани четири успешни изданија, со присуство на домашни и странски натпреварувачи. „Титов Врв Скајрејс“ е многу повеќе од само спортски натпревар, велат тие, а настанот ги промовира природните и туристичките потенцијали на Шар Планина и Полошкиот регион, значењето на природата, планинарството и спортскиот дух.

„Стартнината изнесува 1.200 денари, покрај организациските трошоци, вклучува уште: електронско мерење на резултати, освежителни станици, метален финишер медал, трака за глава од настанот, награди за победниците“, соопштуваат од „Македон“.

Пријавите се отворени и можете да ги најдете на следниот ЛИНК.