Почина Ангус Клауд, актерот од серијата „Еуфорија“

Ангус Клауд, младиот актер кој стана познат по својата улога во серијата на „ХБО“ – „Еуфорија“, почина на 25 години, а веста за неговата смрт е објавена од страна на неговото семејство, јавува „СиЕнЕн“.

„Со голема тага мораме да се збогуваме со неверојатен човек. Како уметник, пријател, брат и син, Ангус за нас беше специјален на повеќе начини. Минатата недела тој се збогува со својот татко и се бореше со голема тага. Ангус отворено зборуваше за својата борба со менталното здравје и се надевале дека неговото заминување ќе може да биде потсетник за другите дека не се сами и не мора да се борат во тишина“, се вели во објавата од семејството на актерот.

Уште не е утврдена причината за смртта.

Клауд стана светски познат по неговата прва улога во „Еуфорија“, каде што го глумеше Фезко (Фез), дилер со добродушен карактер.

Клауд, инаку од Окланд, во интервју за „АјДи“, раскажа дека бил случајно откриен од агент за кастинг низ Бруклин.

„Мислев дека ќе биде некоја измама. Кога дојдов во студиото и ми ја објаснија улогата, ми беше појасно. Бидејќи не ми беше логично дека ќе ме застанат на улица зашто изгледам како ѕвезда. Ме застанаа бидејќи изгледав како дилер“, изјавил тој.

По глобалниот успех на „Еуфорија“, Клауд истакнал дека е изненаден од својот успех.

„Разликата помеѓу мене и сите кои се познати, е тоа дека тие се обидувале да станат познати, барем поголем дел од нив. Тие работеле на себеси за да стигнат со врвот. За мене, тоа беше предобра понуда за да ја одбијам. Не бев свесен дека може да дојде до ова“, посочил актерот.