„Squid Game“ го инспирираше „Нетфликс“ да крерира истоимено реално ТВ шоу

Нетфликс регрутира учесници за ново реално ТВ шоу инспирирано од популарната серија „Squid Game“, јавува Би-Би-Си.

Сепак истото нема да биде прашање за живот или смрт како што е претставено во јужнокорејската дистописка драма, туку 456 учесници од целиот свет ќе ги играат игрите каде што „најлошата судбина“ за играчите ќе биде да се оди дома со празни раце, односно без наградата што вреди 4,56 милиони долари.

„Додека играчите се натпреваруваат низ серија игри инспирирани од оригиналното шоу – плус изненадувачки додатоци – нивните стратегии, сојузи и карактери ќе бидат ставени на тест додека конкурентите се елиминираат околу нив“, изјавија од платформата „Нетфликс“.

Учесниците мора да бидат на 21 година или повозрасни, мора да говорат англиски јазик и да се слободни во првите четири седмици на почетокот од 2023 кога ќе биде снимањето. Сите 456 учесници се во склад со 456 играчи во серијата, а главниот протагонист Сеонг Ги-хун ќе биде играчот со број 456.

„Squid Game“ ја раскажува приказната за луѓе оптоварени со долгови кои се натпреваруваат за огромна парична награда во текот на смртоносната серија детски игри.

Режисерот, писателот и продуцентот на мегапопуларната серија Хванг Донг-Хјук рече дека за креирањето на првата сезона биле потребни 12 години додека за истата да стане најпопуларната Нетфликс серија биле потребни 12 дена.