Победниците на конкурсот за ридот Кале: Просторот е запуштен, но има голем потенцијал

Ридот Кале е значаен топографски елемент во градското ткиво. Со својата местоположба и широки визури ова возвишување може да се согледа како еден неартикулиран парк со потенцијал да биде од големо значење за градот и неговиот културен живот. Со присуството на тврдината и музејот на современата уметност, ридот има можност да прерасне во композициски контрапункт на еден значаен историски артефакт и симболот на современото Скопје, велат архитектките Невенка Манчева Аџиевска и Ана Рафаиловска, во име на тимот Модул“, еден од победниците на конкурсот за уредување на ридот Кале. 

Конкурсот на МСУ, заедно со Архитектонски факултет и „RОCK“ проект – Град Скопје, траеше од 5 април до 15 мај. Се бараше идејно архитектонско и урбанистичко решение, за да се ревитализира и просторно уреди ридот. Односно, како што потенцираа од МСУ, да се спречи дивеење на приватниот интерес да го „јавне“ Калето, а притоа да се подобрат условите кај Музејот и тврдината.

Конкурсот повлече неколку реакции. Радио МОФ веќе објави за критиките од архитекти дека досега не се објавени победничките трудови во јавноста, дека не биле контактирани учесниците за епилогот од повикот, туку само се соопштени имиња на интернет. Но, исто така, реагираа и за доцнење на рецензиите и за изложбата за трудовите, за која МСУ аргументираше дека има впишано рок од 6 месеци за нејзино организирање.

Оттука, покрај МСУ, учесници-архитекти и Конкурсната комисија, Радио МОФ сега контактираше и со претставници од двата тима што ја поделија првата награда, како за процесот за повикот, така и за нивната визија за овој заборавен простор, кој треба да е симбол на Скопје.

Архивска фотографија од внатрешноста на тврдината Кале

„При секоја посета на музејот или тврдината, се потсетуваме на неверојатниот потенцијал на таа локација и на губитокот за градот поради нејзината долгогодишна запуштеност и несоодветно третирање. Желбата за промена на оваа состојба беше и нашиот главен мотив да учествуваме на конкурсот. Повеќе од логично е конечно да се сврти вниманието кон оваа локација. По долго време наидовме на вистински предизвикувачка задача – да се осмисли едно толку битно место за Скопје, да се организира околината на МСУ така како што му доликува на еден музеј на современа уметност и да се трансформира ова место во дел од секојдневието на жителите“, велат Манчева Аџиевска и Рафаиловска од тимот „Модул“.

Нагласуваат, тоа што трите најзасегнати институции, Градот Скопје, Архитектонскиот факултет и МСУ, заеднички се ангажираат преку конкурс да дојдат до најдобро архитектонско – урбанистичко решение, укажувало на еден сериозен пристап кон проблемот и за нив претставувало уште поголем професионален поттик.

Во однос на нивната визија за просторот, велат дека таа е да прерасне оваа локација во културно-рекреативен акропол. Проектот „Модул“ предвидува интервенција која би се распостила на околниот терен, во два правци од музејот – кон тврдината и кон француските гробишта.

Интервенцијата, нагласуваат архитектките, најпрво се состои во отстранување на објектите кои програмски, а и структурно квалитативно го хендикепираат просторот.

„Понатаму, се предвидува поставување на повеќенаменски парковски елементи и павилјони, од кои два се во функција на музејот како дополнителен простор за неформално изложување, предавања, работилници и сл., а еден за поширока употреба на посетителите на паркот. Со нашиот предлог целевме да постигнеме физичко и програмско поврзување на објектот на музејот од една и тврдината од друга страна. Од состојба на нивна меѓусебна исклучивост и некомуникација, гестот на поврзување ги обединува и го трансформира ридот во една програмска целина“, објаснуваат Манчева Аџиевска и Рафаиловска.

Поглед од ридот кон Скопје

Околу конкурсот, очекувале нивото на публицитет на повикот за негово учество, објавен од повеќе домашни и странски известувачи, да го следи и целокупниот процес, преку објавувањето на резултатите, рецензиите на поднесените трудови и најавената изложба.

„Од таму и нашата желба за нејзино што поскоро поставување и повторно актуелизирање на темата рид Кале која како да замре периодов. Само со континуитет овој проблем би го добил соодветното внимание“, велат тие.

Во поглед на идните интервенции, нагласуваат дека во Скопје, а и во останатите градови, постојат бројни локации и објекти на кои им е потребно итно реобмислување, актуелизација и реинтегрирање во животот на градовите.

„Нашиот став е дека институционалната ангажираност и одлучност и распишувањето на вакви архитектонски и урбанистички конкурси се неопходни за изнаоѓање и реализација на квалитетни решенија“, потенцираат претставничките од тимот на решението „Модул“.

Другото првонаградено решение, трудот пријавен под шифра „СО 162“ (SO 162), е на авторите Александра Шулевска и Кристоф Шлислер, архитекти од Берлин.

Во однос на актуелните реакции за изложбатана конкурсот, според конкурсната документација, Шулевска потенцира дека се уште трае рокот најавен за изложбата. Лично, таа се радува што изложбата ќе се случи во октомври, а не во летните месеци, едноставно заради поголема посетеност.

„Како архитект со повеќегодишно искуство на интернационални конкурси, некои веќе во изведба, организацијата на овој конкурс не е значајно поразлична од досегашните мои искуства. Во архитектурата често се случуваат различни одложувања кога се работи за голем збир од професионалци од повеќе области, без разлика дали станува збор за конкурс, јавен или приватен проект, истражување итн. После објавените резултати, јас и мојот соучесник Кристоф прославивме, им честитавме на останатите добитници и потоа едноставно продолживме со работа – мислата оди понатаму“, вели Шулевска за Радио МОФ.

МСУ – архивска фотографија

Кога оваа изложба ќе се случи, дополнува архитектката, со задоволство ќе ги погледнат другите трудови и ќе поразговараат со останатите учесници и со сите заинтересирани, а дотогаш – има и други конкурси. За Шулевска, се уште нема причина да го нарече конкурсот нетранспарентен.

„За македонската архитектонска сцена е реткост да се случи конкурс со референтна комисија од вистинската област, организиран од вистинските институции и со задача, на која секој архитект би се радувал и баш поради тоа сметам дека доза на професионална доверба ќе ни помогне вакви конкурси да ни се случуваат и понатаму. Имено, доверба во музеј за современа уметност, кога станува збор за организирање на изложба, мене ми звучи баш логично. Како архитект од Македонија, кој живее и работи во Германија, нивото на професионална доверба е јасната разлика, која јас ја гледам помеѓу двете архитектонски сцени“, потенцира таа, додавајќи дека се радува на изложбата, на сите различни видувања и интервенции на локацијата, како и на коментарите за проектот од колегите и јавноста.

Во поглед на Ридот Кале и МСУ, потенцира дека имаат огромно историско, културно, архитектонско и урбанистичко значење за градот. Смета, иницијавата за подобрување на оваа локација е навистина важна, така што со архитектот Шлуслер  со задоволство се зафатиле на задачата.

„Нашето читање на локацијата е дека таа веќе содржи големи квалитети и дека нивното едноставно курирање би било доволно за значително подобрување на состојбата на локацијата. Нашиот предлог се фокусира на нагласувањето на тие квалитети, веќе присутни на локацијата, повеќе од самото имплементирање на нови елементи. Интервенциите, кои ние ги предложивме, се чувствителни и не го менуваат карактерот на ридот, туку го надополнуваат на начин кој и дозволува на музејската зграда да остане доминантна. Предложените павилјони се скромни по димензии, но имаат силен архитектонски карактер“, објасни архитектката од трудот „СО 162“.

Ридот Кале

Историчарот на уметност и куратор од МСУ, Зоран Петровски, рече дека една од примарните цели на конкурсот било токму активирањето на јавната свест за значењето и вредностите на просторот, но и спречување на злоупотреба за приватни интереси и неконтролирана (дива) градба.

Во самиот конкурс пишуваше дека проектната задача е предизвикувачка: развој на идеен архитектонско-урбанистички проект, чија основна цел е преобразба на просторот во градски предел со нови програмски, просторни и пејзажни квалитети.

Од учесниците на конкурсот, меѓу другото, се бараше да ги препознаат и претстават вредностите и потенцијалите на локацијата, како и да ги утврдат можностите и начините на кои би можела да привлече кон себе нови корисници, односно нови „жители“.

 

Бојан Шашевски