Конкурс за уредување на ридот Кале

Музејот на современата уметност (МСУ), Архитектонскиот факултет при УКИМ и Град Скопје – „ROCK“ проект објавија конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале.

Конкурсот претставува составен дел од проектот „Кале, културна тврдина“, а целта е да ја поттикне ревитализацијата и просторното уредување на ридот Кале во привлечна и вибрантна градска содржина со различни културни, едукативни и рекреативни функции.

„Ридот Кале го обележуваат две културни зданија: Средновековната тврдина – Кале и Музејот на современата уметност. Извонредното историско и актуелнo значење на овие две маркантни зданија за градот Скопје се во значајна мерка намалени поради долгогодишната запуштеност на пошироката локација на ридот Кале. Чувствувајќи ги од една страна штетните последици од оваа состојба во поглед на достапноста до публиката, и од друга страна свесни за големиот потенцијал на овој простор во можната поддршка и проширувањето на разновидноста и привлечноста на нашите програми, тимот на Музејот на современата уметност со распишувањето на идејниот конкурс посакува смели и инвентивни, но истовремено и едноставни и применливи идеи и концепти за култивирање на ридот Кале во ‘тврдина на уметноста’ и јавниот интерес“, стои во конкурсот.

Според конкурсот, во општата конкурсна рамка, предлозите треба да ги земат во предвид и да ги истакнат природните предностите на локацијата и нејзините содржини во однос на близината до централното градско подрачје; разиграната морфологија на теренот и во таа смисла неговите рекреативни капацитети; топографската разноликост со многуте позиции од кои се пружаат раскошни визури на градската панорама и пејзажот на поголемата скопска долина.

„Втората подеднакво важна компонента на проектните предлози се однесува на ридот Кале, како единствен јавен простор интегриран со динамични културни содржини, а за кои Музејот на современата уметност е носечката програмска платформа и во таа смисла предвидува организирање на уметнички, скулпторски, архитектонски, перформативни, мултимедијални, резиденцијални, едукативни семинари и работилници други видови на интердисциплинарни или општествени проекти и јавни настани“, се вели во конкурсот.

Проектната задача на конкурсот е многу предизвикувачка: развој на идеен архитектонско-урбанистички проект чија основна цел е поттикнување на преобразба на просторот во градски предел со нови програмски, просторни и пејзажни квалитети.

Од учесниците на конкурсот се бара да ги препознаат и претстават вредностите и потенцијалите на локацијата, како и да ги утврдат можностите и начините на кои таа би можела да привлече кон себе нови корисници, односно нови „жители“.

„Во делот на потесната локација, од учесниците на конкурсот се бара да го проучат непосредниот простор на потесната локација , да ги препознаат нејзините вредности и квалитетии да развијат и предложат концепт/и за „населување“ на просторот со неколку (оптимално помеѓу 2 и 3) привремени градби од павилјонски тип наменети за вдомување на дел од содржините на Музејот на современата уметност, како и нови содржини кои треба да ја преобразат потесната локација на начин што ќе и додадат повеќе нови намени“, стои во конкурсот.

Конкурсот трае од 5 април до 15 мај, а вкупниот награден фонд на конкурсот изнесува 300.000 денари во бруто износ. Односно, 150.000 денари прва награда, 100.000 втора и 50.000 трета награда.

Наградниот фонд е обезбеден од Град Скопје, од буџетот на проектот „ROCK“.

Повеќе услови и материјали за конкурсот ТУКА.