По шест дена доцнење, МОН конечно ги објави резултатите од Конкурсот за студентските домови

Министерството за образование и наука вчера на својата интернет страница ги објави резултатите од Конкурсот за прием на студенти на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во студиската 2019/2020 година – за градот Скопје.

Претходно голем број студенти, кои чекаа студентско легло, беа револтирани од доцнењето на резултатите за прием во студентските домови, кои требаше да бидат објавени до 30 август.

Од МОН посочуваат дека по објавување на резултатите, студентите имаат право на приговор во рок од 5 дена, (од денот на објавување на резултатите) кој се поднесува во архивата на Министерството за образование и наука – со назнака до Комисијата за студентски домови за градот Скопје.

„Уште еднаш напоменуваме дека согласно објавениот Конкурс за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во студиската 2019/2020 година, сместувањето во студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје, ќе се врши само во реновираните блокови А и Б“, додаваат од МОН.

Од Министерството информираат и дека резултатите по приговорите ќе бидат објавени на интернет страната на Министерството за образование и наука на 23.09.2019 година.

Резултатите од Конкурсот може да ги најдете на следниов ЛИНК.