Студенти чекаат вселување, петти ден доцнат резултатите за студентските домови

Студенти што чекаат студентско легло се револтирани од доцнењето на резултатите за прием во студентските домови.

Повеќето студентите што контактираа со Радио МОФ сакаат да останат анонимни, но се жалат дека веќе петти ден како чекаат информации за сместување, иако, велат тие, Министерството за образование и наука (МОН) требало да објави резултати на 30 август.

„Неколку пати бевме во МОН лично да прашаме кога ќе ги објават резултатите, но одговорите што ги добивме не беа воопшто сериозни, ни кажуваат еве сега, за час-два, можеби утре, евентуално задутре, почекајте неделава ќе биде. Да напоменам дека при вселување во договорот потпишуваме дека ги користиме услугите на студентсите домови вкупно 9 месеци, што значи ние го плаќаме месец септември, а не добиваме сместување за овој месец и сме оштетени од самиот почеток“, соопшти Кристина М.

Друга студентка што сакаше да остане анонимна, вели дека има студенти кои, на пример, од денес имаат испит, а не се од Скопје, мора да дадат само 1.000 денари за пат и назад, а свесни се и самите колку е мачно да стануваш наутро и да патуваш со автобус.

„Дел од тие студенти се и студенти чии родители можеби не се вработени и се издржуваат од социјална помош, замислете да се ставиме во нивни чевли? Па уште притисок е да мислиш и чекаш, чекаш, чекаш.., за да знаеш дали си примен или не, да знаеш со време што да правиш“, вели студентката.

Таа нагласува дека конкурсот е завршен на 15 август  (за втора година па нагоре), што значи до 30 август има поминато две недели.

Од Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД) веќе нагласија дека објавување резултати за примени студенти го врши МОН исто како што го распишува конкурсот за добивање студентски легла во студентските домови,

Односно, немаат надлежност да доделуваат студентски легла без конечен список утврден според конкурсот од МОН, ниту имаат увид во списоците и одобрените легла за студентите.

„Државниот студентски центар денеска и во наредните денови ќе им излезе во пресрет на сите студенти и ќе им обезбеди сместување до објавувањето на конечните списоци од Министерството за образование и наука“, објавија од ДСД завчера (2 септември).

Од МОН, до објавување на текстов, се уште немаше официјален одговор до каде е ситуацијата со леглата, откако вчера побаравме одговор од нивните служби.

Бојан Шашевски