По лебот, Владата ги замрзна цените и на тестенините и млечните производи

Владата на Северна Македонија одлучи да се замрзнат цените на тестенините и млечните производи со кои треба да се намали цената на овие продукти за 10 до 15%.

Како што истакна премиерот Димитар Ковачески, макароните и шпагетите треба во просек да се намалат за 8-9 денари, додека цената на млекото, урдата, сирењето, кашкавалот, павлаката, киселото млеко и јогуртот се очекува да падне за 10%.

Како што беше соопштено, оваа одлука ќе се применува од 16 март до 31 мај оваа година.

„Уште минатата година најавив дека сега не е време за изобилие, туку време кога сите треба да се издигнеме над сопствените, лични интереси и да покажеме солидарност. Одговорност од страна на компаниите, но и наша одговорност, како Влада која има механизми да влијае и да не дозволи нарушување на дисбалансот на домашниот пазар во однос на понудата и побарувачката“, рече Ковачески.

Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека следната недела ќе се прават анализи за намалување на цените и на шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз, додавајќи дека цените на овие производи најверојатно ќе се замрзнат ако производителите не ги намалат.

Пред две недели Владата реши да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, со образложение дека компаниите не ги намалиле цените на основните производи и покрај субвенционирањето на електричната енергија од Буџетот.

Лебот не смее да чини над 33 денари, Владата ја замрзна цената и ја укина субвенционираната струја за компаниите