Лебот не смее да чини над 33 денари, Владата ја замрзна цената и ја укина субвенционираната струја за компаниите

На денешната седница Владата одлучи да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а истовремено донесе одлука и да се укине субвенционирана цена на струјата за компаниите.

Како што информираше премиерот Димитар Ковачевски, Владата се решила на овој чекор откако компаниите не ги намалиле цените на основните производи и покрај субвенционирањето на електричната енергија од Буџетот.

„Антикризните мерки во време на глобална криза не ги донесовме за едни да бидат поповластени од други. Антикризните мерки не ги донесовме за едни да плаќаат, а други да се богатат. Антикризните мерки не беа донесени со цел да удрат по џебот на граѓаните, а на бенефит на поединци. Дел од мерките насочени кон компаниите производители на основните прехранбени производи беа со една единствена цел – субвенциите од државата да овозможат да се намалат цените на основните производи и на тој начин да им се помогне на граѓаните“, рече Ковачевски на пресконференција во Владата.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, сподели и анализи според кој е добиено до цената по која се замрзнува лебот. Според пресметките вкупната производствена цена на еден бел печен леб од 450 грама, кога ќе се вкалкулира материјалите за подготовка, енергијата, работната сила и транспортот изнесува нешто повеќе од 21 денар. Кога на ова се додава профитот на пекарите од 6 денари по леб и и заработката на трговците од 5%, како и 5% ДДВ се добива цена од 32 денари малопродажна цена на лебот.

„Согласно извештајот од Државниот пазарен инспекторат, во одредени градови во нашата држава има цени и пониски од 32 денари. Цените на белиот и полубелиот леб во С. Македонија се движат од 28 денари до 45 денари, во зависност од производителите. Ние мислиме дека не е во ред да има толку голема разлика во производството на овие два видови леба и тоа што е поддршка од страна на Владата треба да им се врати на граѓаните и потрошувачите.

На новинарското прашање, што доколку пекарските компании решат да ги „изгасат печките“ и да престанат со производство на леб, Бектеши рече дека во тој случај треба да се активира Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Согласно нашите податоци само во Скопје има голема разлика во цената за овие два производи, а пазарот генерално го покриваат не повеќе од 3-4 компании. Секако дека Комисијата за заштита на конкуренцијата, Државниот пазарен инспекторат, согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачи, таму има одредби кои би требало да ги утврдат од надзорите кои би ги направиле“, рече министерот.

Според владината одлука цената на лебот ќе биде замрзната до 31 мај оваа година. Одлуките се очекува утре да бидат објавени во Службен весник, со што ќе стапат на сила.