[Инфографик] Зејтинот поскап за 20 денари – цените скокнаа откако завршија анти-кризните мерки

Анти-кризните мерки кои на 13 февруари годинава стапија на сила, со што привремено се намалија цените на основните прехранбени производи, од денеска престанаа да важат.  Граѓаните од денеска ги купуваат по повисоки цени лебот, маслото за јадење, јајцата, но и други продукти.

Една од анти-кризните мерки беше намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за исхрана од 5% на 0%, односно на лебот, брашното тип-400, шеќерот, сончогледовото масло за јадење, трајно млеко, свежото месо, оризот и јајцата.

Од денеска исто така не важи и мерката за замрзнување на маржите на основните производи за исхрана. Со одлуката, највисока трговска маржа изнесуваше до 5% на продажната цена пресметана со трговијата на мало, односно до 10% на продажната цена во трговија на мало.

Радио МОФ денеска и вчера беше во посета на еден поголем маркет во Скопје и направивме споредба помеѓу цените на различни производи. Она што можеше да се забележи е дека сончогледово масло за јадење е поскапо за 20 денари, додека за 8 денари е поскапа табла од 10 јајца од класа Л. Погледнете повеќе во инфографикот кој го подготви Радио МОФ.

Со анти-кризните мерки се намали и акцизата врз основа на берзанските цени, како и стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите дизел, безоловен бензин, гасно масно, течен нафтен гас и метан.

Па така, според новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), литар моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 чини 104 денари по литар, наместо досегашните 95 денари.

Литар дизел денеска е поскап за 9 денари, односно чини 95 денари, додека моторниот бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 чини 106.5 денари за литар, наместо досегашните 97 денари.

Акцизата на горивата се намалува, основните производи без ДДВ – Владата усвои 26 мерки и препораки

Мартин Колоски