По 288 дена штрајк со глад, почина Хелин Болек од забранетата „Груп Јорум“ од Турција

Пејачката Хелин Болек од музичкиот колектив „Груп Јорум“, кој е забранет во Турција, почина на 288-от ден од штрајкот со глад. Таа заедно со уште еден член од групата започнаа штрајк со глад додека беа во затвор, во знак на протест за третманот на владата кон нивната група, се вели во една од објавите на нивниот „Твитер“ профил, пренесува „Гардијан“.

Од колективот рекоа дека Болек починала во петокот во нејзиниот дом во Истанбул, каде штрајкуваше со глад во обид да изврши притисок врз владата да ја променат својата позиција во однос на групата и нејзините членови.

Групата има забрана за настапи во Турција од 2016 година, а властите имаат затворено неколку членови на колективот. Владата ги обвинува за поврзаност со забранетата организација „Револуционерна народноослободителна партија – Фронт“, позната како „ДХКП-Ц“ која е означена како терористичка организација од Турција, Соединетите Американски Држави и Европската унија.

Болек заедно со нејзиниот колега Ибрахим Гокчек, започнаа штрајк со глад додека беа во затвор, со цел да ја притиснат владата да ја укине забраната и да ги ослободи притворените членови на групата. Во ноември пак, минатата година двајцата беа ослободени.

Нивните барања се однесуваа на тоа колективот да може да продолжи со концертите, да се ослободат затворените членови на групата, како и тоа да се отрфлат тужбите против нив. Двајца членови на групата, пак, вклучувајќи ја и жената на Гокчек, остануваат во затвор.

Болек и Гокчек беа присилно однесени во болница на 11 март, но беа пуштени една недела подоцна, откако одбиле третман, соопштија од Асоцијацијата за човекови права со седиште во Анкара.

Од асоцијацијата соопштија дека активисти за човекови права се сретнале со турскиот заменик министер за внатрешни работи минатиот месеци, со цел да побараат решение со кое ќе се стави крај на штрајкот со глад. Но, владата одбила да ги „процени“ барањата се додека протестот не заврши, соопштија од асоцијацијата.

Штрајкувачите со глад во Турција одбиваат храна, но консумираат течности со кои можат да ја продолжат ваквата форма на протест.