Писатели донирале книги на девојче чија библиотека изгорела во пожар

Автори, библиотекари и илустратори соработувале за да ѝ помогнат на осумгодишната Хајди Ван Сумерен, чии најсакани книги изгореле во пожар.

Хајди е страствен читател, а и самата дизајнира илустрирани книги. Но, сите нејзини книги и материјали минатиот месец изгореле во пожар кој го зафатил нејзиниот дом во Парма, Мичиген.

Детскиот автор и илустратор Боб Шеј ја запознал за време на посета на нејзиното училиште во март, за Месецот на читањето. Откако слушнал што се случило, контактирал со своите колеги писатели и илустратори на Твитер, апелирајќи до нив да ѝ помогнат на Хајди повторно да ги добие своите омилени книги.

Акцијата била успешна. После твитовите на Шеј, Хајди добила повеќе од 300 книги, биро, столче, полици за книги и материјали за цртање.

Особено ужива во читањето на посветите од писателите кои ѝ пратиле книга.

„Книгите се навистина посебни за неа“, рекла мајката на Хајди за Good Morning America. „Можеме да ѝ раскажуваме и објаснуваме, но да прочита книга кога е тажна и ѝ треба помош, секогаш било полесно да ги разбере нештата“.

Извор: Mashable