Петар Младеновски повикува: Здружено против турбофолкеризацијата на средината и состојбите во културата

Петар Младеновски од „Суперхикс“ преку Фејсбук повикува на здружување на сите културни дејци во платформа која ќе се активира, реагира и ќе се бори за подобрување на состојбите со културата во земјава.

„Со доаѓањето на функција на новиот министер за култура сметам дека е вистинско време за ова и за реакција СЕГА И ТУКА! Пред некој ден ја ‘нафрлив’ идејата за здружување на сите културни дејци, музичари (рокенрол, електроника итн), поети, писатели, филмски работници, или ако сакате наречете се ‘артисти со културен префикс’, кои се незадоволни од состојбите во културите, турбофолкеризацијата на средината, промоција на кич и шунд (дури и во културни домови од неодамна) во една поширока (за почеток) неофицијална платформа која би ја оформиле тука, на ФБ како група“, пишува Младеновски.

За почеток, вели тој, платформата би имала неформален карактер и секој кој милува ќе може да и се придружи.

„Целта на истата ќе биде отсега па натаму малку поздружено да реагираме на одредени моменти од кои не сме задоволни и на тој начин вршиме ‘притисок’ кон одговорните во тој сектор и на тој начин станеме свесни и активни корективи на многу недостатоци кои ги гледаме и чувствуваме секојдневно. Ве имаше доста кои бевте ЗА, па ајде да видиме дали ќе останеме и натаму ‘пасивни фејс активисти’ или малку ќе се активираме на ‘терен’! Очекувајте покана за придружување на истата!  ДА ЖИВЕЕ КУЛТУРНА МАКЕДОНИЈА!“, објави Младеновски.