Песна на Дрејк и Д Викенд тргната од интернет – била направена со вештачка интелигенција

Песна која била претставена како соработка помеѓу музичарите Дрејк и Д Викенд е тргната од интернет по барање на музичката корпорација „Универзал мјузик груп“ (УМГ) откако добила голема гледаност за време на викендов.

Компанијата ја осудила песната, насловена „Heart on My Sleeve“, поради „бесправно копирање на содржина преку користење на вештачка интелигенција“, пренесува „Гардијан“.

Песната оригинално била објавена на ТикТок на профил со корисничко име „Ghostwriter977“, а потоа била споделена на стриминг сервисите „Спотифај“ и „Јутјуб“, преку профили со исто корисничко име.

Песната  „Heart on My Sleeve“ била отстранета вчеравечер, а во периодот додека била достапна собрала над 600.000 стрима на „Спотифај“, 15 милиони прегледи на ТикТок и 275.000 прегледи на Јутјуб.

Од „УМГ“ за магазинот „Билборд“ изјавиле дека случајот со песната „демонстрира зошто платформите имаат фундаментална правна и етичка одговорност да го спречат користењето на нивните сервиси за начини преку кои се злоупотребуваат музичарите.“

„Тренирањето на вештачката интелигенција преку песни од музичари кои имаат склучено договор со нас, претставува  прекршување на нашите договори и прекршување на законот за авторски права и го поставува прашањето како на која страна од историјата сакаат да бидат сите засегнати страни во музичкиот екосистем: на страната на уметниците, обожавателите и човечкото креативно изразување, или на страната на фалсификати, измами и негирање на должната компензација на уметниците“, изјавил портпаролот.

Минатата недела „УМГ“ побара стриминг платформите да ги блокираат ВИ компаниите од користење на авторизирана музика.

Музичката индустрија полека почнува да се мобилизира против ризикот од песни направени со вештачка интелигенција.

Во октомври, Американската асоцијација на продуценти предупреди дека ВИ компаниите наголемо ги прекршуваат авторските права во музиката преку тренирање на генераторите со песни кои подлежат на авторски права.