„Пејсаж на вознемиреност – 11 критични жешки точки во РСМ“ – изложба и промоција на публикација во МСУ

„Пејзаж на вознемиреност – единаесет критични жешки точки во Република Северна Македонија“ е резултат на неколкумесечно истражување и изложба и се однесува на земјава како една од државите на Балканот,  кои претставуваат средиште на загадувањето во Европа, пред сѐ, поради застарените фабрики за јаглен, автомобилите, неисправните индустрии, како и енергетската сиромаштија на населението.

Со почеток во 19 часот, настанот, кој е составен од промоција на публикација, презентација на работилници и изложба, ќе се одржи на 4 октомври, понеделник, во Музејот на современата уметност.

Настанот ги опфаќа и другите фактори кои во континуитет го загадуваат воздухот, водата, загрозувајќи го севкупниот биодиверзитет на земјата, предизвикувајќи негативни влијанија врз животната средина и здравјето на граѓаните.

Од музејот информираат дека публикацијата  започнува со објаснување и визуализирање на таканаречените жешки точки на Македонија, односно антропогеоморфолошки пејзажи каде нивната ургентност за решавање произлегува од критериумите како количеството на отпад, токсичноста, близината до населените места и концентрацијата на опасни хемикалии.

Единаесетте жешки точки, преку фотографии се лоцирани од Трајче Стафилов, а се однесуваат  на конкретни локации на активни и затворени индустриски објекти кои генерираат отпад и ја загадуваат животната средина со тешки метали.

„Тие се рангирани по опасност на овие жешки точки, а критериумите се количеството на отпадот што го создаваат, токсичноста, колку локацијата е блиску до населено место, концентрацијата на опасните хемикалии во отпадот, во каква форма се и други фактори. Во рамки на настанот свои обраќања ќе имаат и  Трајче Стафилов и Тихомир Топузовски“, истакнуваат организаторите.

Оттаму дополнуваат дека ќе бидат прикажани и резултатите од работилниците реализирани во Велес, Битола и Преспа, со цел подигнување на свеста и мобилизација на граѓаните околу прашањата на локалните девастирани животни средини.

„Третиот дел се однесува на изложбата во Музејот на современата уметност во Скопје во март годинава, која е создадена од сите учесници вклучени во проектот, каде се истражуваа и практикуваа нови модели на соработка, стратегии и иницијативи кои подразбираат заедничко дејствување“, дополнуваат од МСУ.

Фотографиите се во авторство на Денис Сарагиновски, а целиот настан е продуциран во соработка со кураторката Ивана Васева. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 9 октомври.