Патувачкото кино на „МакеДокс“ ќе се одржува од 8 до 17 септември

Патувачкото кино на „МакеДокс“ се враќа во својот стандарден формат со филмската програма што ќе се прикаже во два термина од 8 до 11 септември во регионот околу Свети Николе и од 14 до 17 септември во велешкиот регион.

„Во овие 14 години успеавме да направиме мост помеѓу урбаното и локалното население во речиси 100-ина села и помали градови низ цела Македонија, овозможивме пошироката јавност да се запознае со културните слоеви на руралните средини, а истовремено успеавме таму да однесеме нови културолошки вредности. Од оваа година фокусот на Патувачкото кино ќе биде ставен на прибирање мемориска граѓа од постари лица во населените места каде што ќе се одржуваат проекциите“, вели Бранд Ферро, извршен продуцент на Патувачкото кино.

Оваа година имаше и преднастан на Патувачкото кино што се одржа на 26 август покрај реката Бабуна во близина на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“.

Филмските проекции под отворено небо ќе се одржат во Свети Николе, на 8 септември, с. Горобинци (9 септември), Ерџелија (10 септември) и Мустафино (11 септември) во светиниколскиот регион, додека во велешкиот регион на 14 септември ќе има проекција во с. Чашка, на 15 септември во с. Теово проследена со музичка промоција, на 16 септември во с. Богомила и на 17 септември во селото Горно Оризари.

Проекциите на сите локации почнуваат во 19.30 часот, а влезот е слободен.

Реализацијата на Патувачкото кино е поддржана од Агенцијата за филм на РСМ и од „МакеДокс“.