Партиските митинзи викендов ќе го затворат за возила центарот на Скопје

Поради митинзите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во Скопје поврзани со претседателските избори, денеска и утре ќе бидат затворени повеќе сообраќајници низ главниот град, соопштија од Одделението на безбедност на сообраќајот при СВР-Скопје.

Денеска, (13.04) е закажан митинг на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ пред Владата, во почеток во 19.00 часот. Затоа е воведен посебен сообраќаен режим кој ќе трае до завршување на митингот на полноќ. Затворен е дел од булеварот „Илинден“ на потегот од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“.

Во недела пак (14.04) е најавен маршот од политичката партија СДСМ, чиј што почеток е закажан за 12.30 часот. Притоа ќе бидат затворени улиците по кои ќе се маршира – од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, потоа право по булеварот „Партизански одреди“, десно по улицата „Васил Главинов“, па лево по улицата „Димитрие Чуповски“, право до крстосницата помеѓу улицата „11-ти Октомври“ и булеварот„Кочо Рацин“.

Потоа, од пред МТВ и МАНУ право по булеварот „Крсте Петков Мисирков“, право по булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со улицата „11-ти Октомври“, како и од пред Транспортен центар право по булеварот „Кузман Јосифовски Питу“, лево по булеварот„Кочо Рацин“ до крстосница со улицата„11-ти Октомври“.

Исто така, ќе биде затворена делницата од Тутунски комбинат право по улицата „11-ти Октомври“ до крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“, како и од крстосницата помеѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Беласица“ право по булеварот „Кочо Рацин“, десно по улицата „Свети Кирил и Методиј“ до седиштето на ЕУ, каде што во 14.00 часот ќе се одржи митинг.

Покрај ова, од 13.04. од 14.00 часот до 14.04. до 24.00 часот, ќе биде затворена за сообраќај улицата „Свети Кирил и Методиј“ и тоа на потегот од крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“.