Паметни телевизори на Samsung прислушуваат приватни разговори

Корисници на опцијата за гласовно распознавање на некои модели на паметните телевизори на Samsung, поврзани на интернет, добиваат предупредување дека нивните лични, приватни разговори би можеле да бидат „снимени и испратени до трети лица“, јавуваат светските медиуми.

Еден пасус, скриен во политиките за приватност на компанијата, ги предупредува корисниците дека треба да бидат внимателни што зборуваат во близина на телевизорот, кога го користат софтверот за препознавање на глас. Ова може да му даде ново значење на мотото под кое Samsung ги продава паметните уреди: „Телевизорите никогаш не биле попаметни“.

„Samsung може да собере, а вашиот уред може да сними гласовни команди и придружни текстови, со што ние би можеле да Ви дадеме услуги со распознавање на глас, да ги евалуираме и да ги подобриме овие опции. Ве молиме имајте во вид дека ако Вашите изговорени зборови содржат лични или други чувствителни информации, тие ќе бидат меѓу податоците кои ќе бидат снимени и испратени до трети лица“, се вели во политиките за приватност на Samsung.

Ова предупредување отвори дилеми за тоа кои се „третите лица“, како тие би ги користеле овие информации и на кој начин разговорите се пренесуваат. Ако тие не се кодирани, корисниците би можеле да станат цел на хакери.

Претставник на Samsung во изјава за порталот The Daily Beast вели дека компанијата многу сериозно ја сфаќа приватноста на корисниците.

„Во сите наши Smart телевизори вклучуваме стандардни безбедносни водичи и практики, вклучувајќи и кодирање на податоците, за да ги обезбедиме личните информации за корисниците и да спречиме нивно неовластено собирање или користење. Гласовното распознавање, кое му дозволува на корисникот да го контролира телевизорот со гласовни команди, е опција на паметните телевизори на Samsung, која може да биде активирана или деактивирана од корисникот. Сопственикот на телевизорот исто така може и да го исклучи уредот од  Wi-Fi мрежата“, изјавил претставникот на компанијата.

Веста за телевизорите, кои според многумина се „препаметни“ предизвика големо внимание на социјалните мрежи деновиве. Еден корисник на Твитер директно ја спореди оваа практика на Samsung со романот „1984“ на George Orwell: