Отворен е системот за е-пријавување во средно, крајниот рок за пријава е до задутре

На деветтоодделенците во земјава веќе им е овозможено да креираат профили на порталот за е-услуги и да се пријават електронски за упис во средно училиште, иако официјалните денови за пријавување се утре и задутре. Откако ќе се пријават, кандидатите ќе треба да ги однесат во училиште и оригиналните документи за да може да се провери веродостојноста на внесените податоци во електронската апликација, пренесува Мета.

Она што и годинава го нудат средните стручни училишта се стипендии, можности за вработување и насоки атрактивни за младите.

„Системот за пријавување е веќе отворен, иако бројката на пријавени не можеме да ја видиме. Најатрактивна насока кај нас е компјутерска техника и автоматика, иако и транспорт и шпедиција е традиционално атрактивна за младите. Најголем број од учениците што се запишуваат се со одличен успех. Во нашето училиште констатно имаме процентуално зголемување на бројот на ученици, а годинава очекуваме повеќе“, вели за Мета.мк Александар Сибиновски, директор на средното училиште „Владо Тасевски“ од Аеродром.

Како што информира тој, бројот на ученици кои се запишуваат во ова скопско средно училиште постојано е во пораст.

„Годинава, испративме 170 матуранти, а лани во прва година се запишаа 280 ученици, што е показател дека за четири години тоа е голем скок“, потенцира Сибиновски.

Неговиот колега од средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“, Дарко Спасев вели дека најголем интерес во ова училиште има за насоката медицински лаборант.

„Системот за електронско пријавување е отворен порано, за да не кочи и за да нема оптоварување на системот. Увид ќе имаме дента кога ќе треба да извадиме прелиминарна ранг-листа. Најголем интерес кај нас има за медицински лаборанти, како и за медицински лаборантски санитарен техничар и хемиски лаборантски техничар“, вели за Мета.мк Спасев.

Димитар Ѓоргиев, директорот на средното училиште „Михајло Пупин“ информира дека кај нив најголем е интересот за насоката компјутерска техника и автоматика, како и за ЕВН паралелката, каде се нудат стипендии во текот на учењето, како и вработување по завршувањето на образованието.

„Очекувам и годинава добар упис. Интересот за стручно образование расте од година в година. Не можеме да отвориме повеќе паралелки по компјутерска техника оти има недостиг на наставен кадар“, вели Ѓоргиев.

Во оние училишта во кои ќе има број на пријавени ученици поголем од предвидените слободни места, ќе биде организирано квалификациско тестирање. Минатата година, вакво тестирање за селекција имаше во гимназијата „Орце Николов“.

„Не знам дали и годинава ќе има квалификациско тестирање, но знам дека има ученици кои уште отсега се подготвуваат за тоа тестирање. Можно е и да има, но и да нема потреба од селекција, ќе видиме“, вели за Мета.мк директорот на „Орце Николов“ Митко Димовски.

Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни. Ранг-листата на запишани ученици во првиот уписен рок, се објавува на 22 јуни, на порталот е-услуги, како и на веб-страницата на МОН, најдоцна до 9 часот.

Доставувањето на потребната документација во училиштата е на 22 јуни, од 12 до 19 часот, како и на 23 јуни од 7 до 19 часот. Конечната ранг листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 24 јуни, најдоцна до 12 часот на огласната табла на училиштето и на веб-сајтот на МОН.