Да се укинат маските и за средношколците, препорачаа од Комисијата за заразни болести

Комисијата за заштита од заразни болести соопшти дека ќе препорача на Владата да се укине задолжителното носење на маски за учениците во средните училишта, како и да се овозможи организирање екскурзии и за основците и за средношколците.

Ова било одлучено по вчерашниот состанок на членовите на Комисијата. Како и во случајот со основците и кај средношколците ќе остане опцијата учениците да носат маски во училиштата доколку сакаат. Истовремено маските и понатаму остануваат задолжителни за наставниците и административниот кадар во средните училишта.

„Сметаме дека трендот е позитивен. Одиме во насока на тоа да имаме позитивна добра епидемиолошка состојба. Се намалува трансмисијата на вирусот и како резултат на тоа наредната недела се` уште ќе разгледуваме дел од актуелните мерки и ќе видиме кои од нив може да бидат укинати“, изјави портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.

Препораката за укинување на маските за средношколците треба да биде усвоена од Владата за да стапи на сила. Вчера учениците во основните училишта можеа да следат настава во училиштата без маски откако оваа обврска беше укината од властите, а претходно беа усвоени и препораката сите факултети да се насочуваат кон настава со физичко присуство, поткрепена со вакцинирање на студентите и наставниот кадар.