ООН: Во светот 29 милиони девојчиња и жени се жртви на современо ропство

Во новиот извештај, претставен во Обединетите нации (ООН), се проценува дека 29 милиони девојчиња и жени во светот се жртви на современи форми на ропство, принудна работа, дури и во нивните семејства, на присилни бракови и должничко ропство.

Грејс Форест, коосновач на организацијата за борба против ропството „Шетај слободно“, изјави дека секоја 130-та жена и девојче во светот живее во некаква форма на модерно ропство.

„Денес во ропство живеат повеќе луѓе отколку кога било досега во историјата“, рече Форест на прес-конференција во ООН во Њујорк.

„Шетај слободно“ (Walk Free) го дефинира современото ропство „како систематско лишување од личната слобода, во кое едно лице се злоупотребува заради нечија лична или финансиска корист“.

Процената дека секоја 130-та жена и девојче во светот е во модерно ропство е заснована на работата на организацијата „Шетај слободно“, и две агенции на ООН – Меѓународната организација на трудот и Меѓународната организација за миграција.

Според извештајот наречен „Спречени шанси“, жените сочинуваат 99% од сите жртви на присилна сексуална експлоатација, 84% од сите жртви на присилен брак и 58% од сите жртви на присилна работа.

Форест рече дека експлоатацијата „се нормализирала во економијата“, како и во миграциските патишта, што се влошило поради пандемијата на коронавирусот, со „ненадејно зголемување на присилните и детските бракови и експлоатација на работниците низ целиот свет“.

Таа најави дека „Шетај слободно“ и програмата на ООН „Секоја жена, секое дете“ започнуваат глобална кампања за укинување на современото ропство повикувајќи на крај на детскиот и присилниот брак и легализирани системи на експлоатација на печалбарите. Кампањата исто така ги повикува мултинационалните компании на транспарентност и одговорност.