Онлајн промоција на „Прирачник за проучување на природата“ од Кирил Арсовски – Пржо

Практични совети и методи како да го проучуваме живиот свет околу нас, при прошетка низ шума, пикник или дури посета на градскиот парк, се собрани во новиот „Прирачник за проучување на природата“ од Кирил Арсовски – Пржо.

Темите, таксономски поделени, даваат насоки, но и пораки за важноста на живиот свет околу нас, а се илустрирани од Хари Дудески.

Онлајн промоцијата на книгата ќе се одржи на Фејсбук страницата на Чудна шума, утре (9 декември) во 19:00 часот.

„Истражувањето и проучувањето на природата се најстарите човекови активности. Преку нив, тој ја спознавал територијата што ја населува, просторот во кој живее и се храни, како и живиот свет – флората и фауната. Но, денес, кога природата под влијанијата на човекот драстично се менува, потребно е повторно одблизу да се запознаеме со нејзините вредности и елементи. Преку посета на природата и едуцирање за сите живи организми, се поставуваат темелите за нејзината заштита“, стои во описот на настанот.

Прирачникот е наменет за сите возрасти, а во него може да се прочита како да започне истражувачки дневник, да се следат промените на сезоната, да се набљудуваат инсекти, птици и цицачи, како и да се собира растенија и изработка на хербариум.

„Целта на прирачникот е да го натера читателот да поминува колку што е можно подолго време на отворено во природа, да го спознава и да го набљудува живиот свет, да се грижи за загрозените живи организми и да го зголеми своето познавање за националните, но и за светските природни вредности“, стои во најавата за настанот.

Промоцијата е дел од малиот онлајн саем на книга „Зима во Чудна шума“ и е поддржан од Дом на културата „Кочо Рацин“ – Скопје и Град Скопје.