Онлајн промоција на „Како ти и јас“ на Манџуковски – Манџук

Во склоп на „Скопско лето“, утре (9 јули) од 20:20 часот ќе се одржи онлајн промоција на книгата „Како ти и јас“ на Тони Манџуковски – Манџук.

„Како ти е јас“ е шеста книга на авторот и е љубовно патеписна поема – импресија од младоста на Никола Тесла, напишана на хрватски, препеана на македонски и англиски јазик.

„Составена е од 9 дела, 6 града и 3 лика (јас, ти и како јас и ти) низ која преку призмата на младоста на Никола Тесла се обработува повеќеслојна тематика навидум преставена преку патеписна прошетка низ шест града која дава осврт и на духовната страна на Никола Тесла, но и на состојбите во нашиов регион (Загреб, Белград, Скопје) и влијанијата на дел од европските центри на моќ (Милано, Истанбул, Виена и Будимпешта) како и вечната инспирација за творење изразени преку енергија, вибрација и резонанца или преку сочуствување, убавина и љубов…“, се вели во најавата за онлајн промоцијата.

Рецезенти се Ефтим Клетников и Томислав Шуминоски, а актерска екипа: Сашко Коцев и Раде Шербеџија (видео проекции).

Инаку, Тони Манџунковски – Манџук е писател, сценарист, продуцент и организатор. По професија е ИТ систем инженер, а е магистер по електротехнички науки.

Досега има објавено 5 книги: „Скалила кон градот на пингвините“ (1999 год., збирка на проза, поезија и фотографии), „Скршениот Шестар“ (2001 год., еколошка бајка во 9 чина), „Аквадукт“ (2005год., дузина кратки раскази), Анализа на електромагнетните појави во двобрзински еднофазен асинхрон кондезаторски мотор” (2013 год., магистерски труд) и Аманет” (дуодрама).