Омаж за Боб Дилан – поет, гласник за промени, нобеловец

Издавачкиот центар ТРИ организара настан „Омаж за Дилан“, кој ќе се одржи утре од 19 часот во просториите на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“. На настанот присутните ќе имаат можност да го слушнат професорот Ферид Мухиќ и неговото учено обраќање посветено на лауреатот, додека за разните аспекти на Дилановиот живот и творештво ќе говорат и Елизабета Шелева, Ѕвездан Георгиевски, Дарко Лешоски и Сашо Гигов-Гиш.

Во програмата е предвидено и читање на извадоци од „Хрониките“, односно автобиографијата на авторот, објавена од Издавачкиот центар ТРИ уште во 2010, проследено со дискусија. Веднаш потоа публиката ќе има можност да слушне и изведби во живо на некои од Дилановите клучни песни и да погледне инсерти од неколку документарни филмови посветени на него.

„Боб Дилан е многу повеќе од само уште еден рок-музичар. Неговите стихови обележaа мошне значајна епоха во поновата светска историја и извршија силно влијание врз многу генерации. Тие одекнуваа како глас на безгласните, како предвесник на глобалните промени, како химни на мировните движења и на движењата за граѓански права во шеесеттите и седумдесеттите. Иако тој немаше такви претензии. Вчера Дилан се закити и со Нобеловата награда за книжевност. Иако и за тоа немаше никакви претензии. Сево ова јасно говори за фактот дека и јавноста и критичарите кои доаѓаат во допир со неговото творештво се чувствуваат автентично вдахновени, длабоко трогнати, како и дека неговите стихови одѕвонуваат во срцето на слушателот уште долго откако ќе стивне звукот на гитарата.

Најмалку што можеме да сториме за да го одбележиме овој исклучителен настан, кој претставува уште една пресвртница на глобалната сцена предизвикана од делото на Дилан, е да ве поканиме на пригодно вечерно дружење во чест на овогодишниот добитник на Нобеловата награда за книжевност“, стои во повикот на настанот на Извавачки центар ТРИ.
omaz-za-bob-dylan