„Охрид СОС“ поднесе Иницијатива за прогласување на ресторанот „Парк“ за споменик на културата

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ денеска поднесе Иницијатива за прогласување на награденото архитектонско дело на охриѓанецот Павел Балабанов, ресторанот „Парк“ за споменик на културата.

Како што посочуваат оттаму, иницијативата е доставена до Управа за заштита на културното наследство и Завод и музеј Охрид, Националната канцеларија за УНЕСКО, Министерството за култура, канцеларијата на претседателот на Владата и до Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а била поттикната од неодамнешните најави дека на тоа место ќе се гради хотел.

„Планот за рушење и изградба на нов комерцијален објект со неколкукратно поголем габарит од постојниот, доаѓа во време кога Охридскиот Регион е на праг да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, токму како резултат на несоодветната и агресивна урбанизација на крајбрежјето. До прогласувањето за споменик на културата, бараме итна привремена заштита на објектот според чл. 39 од Законот за заштита на културното наследство“, стои во објавата на „Охрид СОС“.

Иницијативата која ја поднесе „Охрид СОС“

Истовремено, оттаму и порачуваат на Владата да го откупи објектот од моменталните сопственици и да го пренамени по неговата конзервација, во Музеј на Охридското Езеро и Студенчишкото блато како споменици на природата и Рамсар центар за посетители.

Претходно со реакција се јавија и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, од каде побараа да прекине постапката за градење на тоа место до објавување на плановите и проектите за новиот објект и стручната анализа за усогласеноста на Урбанистичкиот план со Плановите од повисоко ниво и законската регулатива, како и позитивна стручна анализа со вклученост на стручната јавност.