Стефоска: Општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Ирена Стефоска денеска посочи дека општините Охрид и Струга очигледно немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Нејзината реакција доаѓа по градежните активности кои почнаа да се одвиваат на местото на поранешниот ресторан „Парк“ во Охрид.

Па оттука, таа додаде дека пред Владата ќе иницира да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини.

„Во делот на надлежностите на Министерството за култура, на одговорност ќе бидат повикани Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид како и Управата за заштита на културното наследство“, стои во нејзината реакција.

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ по дојава дека ресторанот „Парк“ се руши, денеска соопшти дека поднела барање за итен инспекциски надзор до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат, поради како што рекоа, прекршувања на одредби од Законот за градење што претставуваат кривични дела според Кривичниот закони.

Тие пред неколку дена поднесоа и Иницијатива за прогласување на ова наградено архитектонско дело на Павел Балабанов за споменик на култура, а поддршка за тоа добија и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Инаку, на местото на поранешниот ресторан се најавува изградба на хотел.

„Охрид СОС“ поднесе барање за итен инспекциски надзор, по дојава за рушење на ресторанот „Парк“