Охрид SOS: Ако на 20 јуни нема заклучоци, Охрид може да биде преместен на листата на светско наследство во опасност

Иницијативата Охрид ЅОS информира дека на 20 јуни (среда) во 11 часот ќе одржи третото и последно продолжение од Надзорната расправа за Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културно наследство.

„Со загриженост ве информираме дека доколку од оваа расправа како механизам за следењето на владата и нејзините политики во контекст на почитување на законите не произлезат заклучоци кои ќе бидат обврзувачки и со кои децидно ќе се пренесе нужноста од радикални промени во управувањето со регионот, очекуваме во најскоро време да бидеме преместени на Листата на светско наследство во опасност.Особено сме згрозени од кадрите на ДУИ кои како челници на едни од најважните институции – Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), грубо го злоупотребија времето предвидено за сведоштво пред Комисијата за култура читајќи од лист тривијални информации за регионот до кои дури и најнеупатените може да дојдат по едноминутно интернет пребарување. Згрозени сме и од градоначалникот на Струга за кого тампонирање во езеро е добредојдено и неопходно ‘за развој’, а кој за целото времетраење на расправата се однесуваше нецивилизирано, дофрлаше од место и вулгарно им се обраќаше на членови на Комисијата за култура.

Министерот за животна средина и просторно планирање на РМ, Садула Дураки, и директорот на ДИЖС, Џезми Салиу, како и градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко се партиски поставени кадри кои немаат ни основни познавања од функциите на кои се назначени.  Како такви, тие се штетни за иднината на регионот и премиерот Заев е должен да ги замени со лица кои ги имаат потребните квалификации да ги водат овие институции, доколку е искрен во своите заложби да се отстранат од владата сите оние кои се неподобни за извршување на доверените задачи. Единствената иднина за регионот е одржлив и паметен развој кој ќе ги задржи дома младите едуцирани кадри истовремено зачувувајќи го нашиот, а светски, бесценет природен ресурс“, реагираат од иницијативата.

Охрид SOS информира дека на завршницата од Надзорната расправа во име на #ОхридЅОЅ ќе сведочи проф. д-р Трајче Талевски.

Досега, велат тие, на првите две продолженија од Надзорната расправа сведочеа повеќе актуелни и бивши функционери и директори на институции.

„Некои од најзаслужните за сегашниот неизвесен УНЕСКО статус на Охрид, бившиот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески, и бившата министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, очекувано – одбија да сведочат. На самата расправа и едните и другите пратеници-членови на Комисијата за култура која ја организира и спроведува Надзорната расправа злоупотребуваат право на збор за да ги одбранат политиките и потезите на сопствената партија што го сметаме за дрско продолжување на старите практики кои нѐ доведоа до ова дереџе“, стои во соопштението на Охрид SOS.