Одржана регионална StartQube работилница за младински придонес кон заедницата

Повеќе проекти од општествено значење излегоа од StartQube работилницата на тема социјално претприемништво, која минатава недела во Крушево, ја реализираа учесници од 7 држави од Југоисточна Европа.

Работилницата имаше цел да го поттикне претприемачкиот дух меѓу младите од регионот и да се стимулира регионалната соработка на проекти за придонес кон заедницата и стартапи со општествен импакт.

Победничкиот тим на програмата, која пред сè беше од едукативен карактер, претстави решение за едукација на идни родители во врска со нивните деца, вклучувајќи бесплатна едукација на родители од маргинализирани групи.

„Навистина е голема привилегија да се биде ментор на млади луѓе од 7 земји кои се полни со иновативни идеи и се желни да донесат позитивни промени во заедниците каде што живеат. Сигурен сум дека оваа програма ќе им донесе прекрасно искуство и многу корист на учесниците и земјите во кои живеат, но, исто така и на сите членови на тимовите на организаторите и менторите кои дадоа свој придонес во оваа програма“, изјави Андреј Ханзир, еден од менторите на оваа работилница.

socijalno-pretpriemnistvo-startqube-2

Во рамки на програмата, покрај овој, беа развиени уште 9 проекти – меѓу кои и проекти за промоција на алтернативниот туризам на Балканот, здравствена платформа за туристи, неколку образовни проекти и проекти за паметен велосипедизам.

Програмата StartQube е составена од 14 работилници и повеќе неформални активности, а учесници беа млади луѓе на возраст од 18 до 24 години. Програмата се одржува по четврти пат.

Програмата е реализирана од страна на Стартап Зона, која ги поддржува младите во реализација на нивните идеи во стартап, преку заедничко финансирање од американските амбасади во регионот.