Одржана првата Парада на гордоста во Косово

Под слоганот „Во името на љубовта“ денеска низ улиците на Приштина неколку стотици луѓе, со знамиња во боите на виножитото, маршираа на првата Парада на гордоста во Косово, за промовирање на правата на ЛГБТ популацијата во земјата.

Парадата беше организирана од девет невладини организации, со цел да се подигне свесноста и да се стави крај на предрасудите во општеството.

Настанот поминал мирно и без инциденти, иако било присутно силно полициско обезбедување, поради претходни закани за одржувањето на Парадата.

За време на маршот мала група млади протестирале против маршот.

„Веруваме во разновидноста, која треба да биде дополнителна вредност на Косовското општество“, изјавил организаторот Ленди Мустафа пред присутните на маршот.

На почетокот на Парадата присуствуваше и косовскиот претседател Хашим Тачи, кој сепак не се приклучил во маршот. Тачи упатил поддршка од инстутуциите кон ЛГБТ заедницата и посочи дека во земјата сите се еднакви.

„Нема да дозволиме никој во Косово да се заканува и да заплашува поединци или групи на луѓе“, изјавил косовскиот претседател.

На маршот присуствуваа и дел од западните дипломати.

Косово донесе закон за антидискриминација во 2004 година. Иако ЛГБТ заедницата одржуваше мали маршеви претходниве три години, ова е прва Парада на гордоста во земјата.